Интелигентни машини
Сведоци сме
дека на големите технолошки собири (саеми, конференции) се даваат најразлични
предвидувања во кој правец би се развивала ИТ технологијата. Најголеми
промотори на ваквите предвидувања се секако Bill Gates (Microsoft Corp.) и Steve Jobs
(Apple Corp.). И покрај
различните погледи - тие се согласуваат во едно – во најскоро време ќе исчезнат
тастатурата и глушецот како влезни интерфејси за комуникација, а ќе се воведат
многу поприродни човек-машина интерфејси.
Луѓето
отсекогаш ги користат своите сетила - говорот, видот и допирот како примарни
средства за комуникација во секојдневниот живот. Повеќе-сетилната комуникација
со машините би ја зголемила ефикасноста на денешните апликации, и би креирала
многу нови апликации. Типичен пример каде што се применува повеќе-сетилна
комуникација се борбените авиони, каде што пилотите (во положба на окупираност
на двете раце), комуницираат со опремата во кабината преку говорни команди и
команди зададени со погледот. Исто така, вакви интерфејси се вградуваат во
најновите верзии на комерцијалните автомобили (“мерцедес”, “тојота”), при што
говорната комуникација со уредите го прави возењето побезбедно и поудобно.
Конечно, ваквиот начин на комуникација ќе им овозможи на хендикепираните лица
непречено да ги користат не само компјутерите, туку и останатите уреди во
домаќинството. Значи идејата е целосно да се исфрлат тастатурата и глушецот
како влезни уреди - процес што ќе се реализира во следните пет години.
Говорот и
јазикот се најприродното средство за комуникација на човекот. За да се
комуницира со информатичките системи на природен начин, потребно е тие да го разбираат
говорниот јазик. На препознавање на говорот работат водечките информатички
компании - ИБМ и Микрософт, а основни техники кои се користат се Марковите
модели и Баесовите мрежи. Сепак сите постоечки системи се базирани на ограничен
речник од зборови кои можат да се препознаат (солидните системи имаат речник од
100.000 зборови). Најчесто се прави компромис, бидејќи кога е голема базата на
зборови - препознавањето не е целосно доверливо, а кога е мала базата -
препознавањето не е ефикасно. По препознавањето на зборот - истиот се
проследува кон системот за разбирање кој се состои од парсер и од предефинирана
граматика.
Главен
двигател на технолошките новитети на светско рамниште секогаш е армијата на
САД, преку ДАРПА (Агенција за истражувачки проекти при американското
Министерство за одбрана, меѓу другото, креатор на Интернет). Ќе наведам само
два од тековните проекти кои ДАРПА ќе ги финансира во следните 5 години, и во
кои ќе се вложат неколку милијарди долари.
Првиот е
т.н. когнитивни агенти, т.е. проект кој е воден од идејата да се постигне
“свесност” на машините. Имено, се бараат иновации во хардверот и во софтверот
кои ќе процесираат знаење, ќе располагаат со перцепција, ќе имаат сопствено
поведение, со еден збор - кои ќе знаат што да прават. Полупроводничката
технологија го дуплира бројот на транзистори во чипот на секои 18 месеци
(феномен познат како Муров закон). Со овој степен на развој, набрзо ќе се
достигне физичката граница на “пакување” на транзисторите, но ќе се постигне
бројот на пресметувачки елементи на една плоча, да се израмни со бројот на
неврони во човечкиот мозок. И покрај тоа, се уште не е пронајден начин како таа
процесорска моќ би се натерала “да функционира” како мозокот. Иако победата на
Deep Blue во шаховскиот меч со Каспаров може да се смета како пораст на
вештачката интелигенција, сепак се работи за “сурова” процесорска моќ и брзина
на обработка на потезите, а не за интелигентна програма. Со проектот
“Когнитивни агенти”се финансира критичното истражување кое би довело процесирачките
елементи да продуцираат поведение, што ние би го нарекле “когнитивно”. Се
бараат начини за имплементација на апстракција од повисоко ниво, ментална
симулација и планирање, хипотетичко резонирање, моќно препознавање и генерирање
на говорот, и самосвесност. Со други зборови, когнитивните системи би биле во
состојба:
- да резонираат на повеќе начини, и да го прикажуваат
знаењето на соодветен начин;
- да учат од сопственото искуство, а нивните перформанси да се подобруваат со тек на учењето;
- да можат да се опишат самите себе, т.е. да се свесни за своето поведение и за своите можности;
- да можат да одговорат на изненадувањата на робусен начин.
- да учат од сопственото искуство, а нивните перформанси да се подобруваат со тек на учењето;
- да можат да се опишат самите себе, т.е. да се свесни за своето поведение и за своите можности;
- да можат да одговорат на изненадувањата на робусен начин.
При посетата на Лабораторијата за вештачка
интелигенција на МИТ (2003г.) имав можност да се “запознаам” со нивните два
когнитивни робота - Ког и Леонардо. Ког е алуминиумски хуманоиден робот (торзо,
раце, врат, глава со очи, уши и уста), и неговата интелигенција ја достигнува
онаа на 3-годишно дете. При експериментот, на Ког му се покажува топка и со
рака се движи топката лево-десно пред очите на Ког. Ког ја следи топката со
поглед и кога ќе му се каже “ова е топка”, тој повторува “топка”. Потоа му се
покажува кукла и тој учи што е кукла. Понатаму, на прашањата “што е ова?” знае
да ги препознае научените предмети.
За разлика
од Ког, Леонардо е уште похуманоиден. Тој е обвиен со крзно, неговото лице може
да прави 32 гестикулации, а реагира и на допир.
Друг проект
финансиран од ДАРПА е “Дневник на животот” (LifeLog), проект чија задача е да
го снима животот на луѓето, заедно со сите настани и движења, т.е. сето она што
еден човек го гледа, го слуша, го допира итн. Овој проект беше доста оспоруван
во јавноста, бидејќи со него целосно се навлегува во приватноста на луѓето.
Имено, во почеток доброволци ќе бидат опремени со камера, микрофони, ГПС,
допирни и други сензори, и на тој начин ќе се снима целиот нивен живот.
“Дневникот на животот”, исто така, ќе снима и голема количина на контекстни
податоци на кои ќе биде изложен корисникот секој ден, како на пример телевизиската
програма што ја гледа, телефонските разговори што ги води, весниците и книгите
што ги чита, електронската пошта и Интернет-страниците што ги отвора. Оваа
огромна количина на информации ќе се пренесува безжично до централен сервер,
каде што ќе се складира и ќе се анализира на хард дискови со енормен капацитет.
Намената на “Дневникот на животот” не е шпионска, туку да понуди лична,
финансиска, медицинска и друга поддршка на корисниците. На пример, записот “во
8.30 ќе полетам од Вашингтон во Бостон”, ќе ги сними настаните - будење,
повикување такси, возење до аеродром итн. Следниот пат кога корисникот ќе
запише во својот организер “одење во Бостон” - системот сам ќе му повика такси
до аеродром. Со ЛифеЛог корисникот ќе може да провери што работел и неколку
години после снимените настани. Со пристап до личните податоци на повеќе
корисници истовремено - ќе може да се детектира дали во градот има епидемија на
грип или друга болест. Исто така, овие податоци би се користеле за идните
хуманоидни роботи да научат да се однесуваат “човечки”.
ДАРПА беше
организатор и спонзор и на првата трка на мобилни роботи што се одржа во 2004
год. на релација Лас Вегас - Лос Анџелес. Таа година ниедно возило не стигна до
целта, но следната (2005) победи тимот (возилото) на Универзитетот Carnegie
Melon и ја освои
наградата од 1 милион долари.
За секој од
проектите на ДАРПА можат да конкурираат сите американски универзитети, но
спонзорирани ќе бидат само неколку, чии професори се светски прочуени во
дадената област.
И најпосле -
тренд кој ќе преовладее во наредните декади несомнено е биоинформатиката. Како
што спомнав погоре, силициумската технологија за изработка на чипови, за
неколку години ќе ја достигне својата граница на минијатуризација, а со тоа и
на брзина. Следни чекори кои би се презеле е вградување на биолошки и оптички
компоненти во чиповите. Денес, херметич-ки чистите лаборатории за
полупроводници на МИТ се заменуваат со “влажни” биохемиски лаборатории и
епрувети. Тие веќе експериментираат со биолошки чипови, но и со вградување на
силициумски импланти во мозокот на луѓето. Во блиска иднина, секој од нас ќе
може да научи шпански јазик за 2 часа, преку директен интерфејс
компјутер-мозок.
Многу
научници се согласни дека компјутерите ќе ја достигнат човечката интелигенција
до 2030 година. Односно, тогаш компјутерите ќе тврдат дека се свесни и луѓето
тоа ќе го прифатат. А до 2090 година - нема да може да се разликуваат луѓето од
роботите. Тогаш роботите ќе имаат вградени многу биолошки компоненти, а луѓето
масовно ќе користат импланти во мозокот. Оние луѓе кои нема да си вградат
импланти - ќе бидат ментално инфериорни во однос на другите, т.е. не ќе можат
да комуницираат на исто ниво. Ви изгледа како научна фантастика? Не бидете
песимисти како Чарлс Дјуел, директорот на Американскиот завод за патенти, кој
во 1898 год. изјавил: “Се што може да се измисли - веќе е измислено”.

