Monday, November 17, 2014

За Мозокот

За Мозокот

Слободно може да кажеме дека мозокот е најсложената и најсовршената структура што настанала по природен пат, не само на Земјата, туку и во целата Галаксија. Токму структурата на мозокот е она што го направило човекот да стане Homo sapiens, т.е. да се издвои од другите живи суштества (пред сѐ од својот предок – човеколикиот мајмун).

Познато е дека секој мозок содржи повеќе неврони (нервни клетки) отколку што има ѕвезди во Галаксијата. Уште позначаен факт е што функционирањето на мозокот не се базира на самите неврони, туку на врските помеѓу нив (синапсите). Типичен неврон од кортексот е поврзан со 10.000 други неврони. Денешните инструменти за скенирање на мозокот (MRI) се сеуште многу примитивни за да можат да ја доловат неговата структура. Тоа е како да се обидете да фатите зрно песок носејќи боксерски ракавици на рацете.

Дали може да се креира интелигентна машина, т.е. компјутер кој ќе симулира свесно поведение?

Според традиционалниот пристап во вештачката интелигенција (од седумдесетите години на минатиот век), одговорот е секако да, само треба да се почека на дополнителен развој на хардверот и на софтверските алгоритми. Според современиот пристап на невро-науката и на когнитивните науки – можеби ќе биде можно да се произведе таква машина, но таа ќе треба сама да еволуира од фаза на дете до фаза на зрелост (интелигенција). Значи не се доволни само сензорските влезови, на пр. видот да може да се симулира со камера (и софтвер за визија), слухот со микрофон (и софтвер за препознавање говор), допирот со сензори за допир, говорот со звучник (и синтетизатор на говор). Многу поважно е процесирањето на сите овие влезови и продуцирањето на интелигентно поведение, т.е. покажување на функции за кои машината не е експлицитно програмирана. Значи поимот интелигенција е неизоставно поврзан со поимот учење. Интелигентната машина треба да може сама да учи и при тоа ќе мора да ги користи своите сетила (вид, слух, допир исл.). И не е извесно дали нејзиниот мозок ќе се базира на слилициумски чипови или на биолошки материјал.

Дали човекот навистина користи само 10% од мозокот? Дали поголемиот мозок е и поинтелигентен? Слушаат ли слепите подобро од оние кои гледаат? Зошто не можеме од глава да ја извадиме мелодијата која не нервира?

Британски „Дејли мејл“ објави интересни делови од книгата на невролозите Сандра Амот и Сем Ванг, кои разоткриваат некои од вообичаените заблуди. Иако половина од човештвото мисли дека користиме 10% од мозокот, сепак во реалноста секојдневно го користиме целиот мозок. Дури и најмалите задачи поттикнуваат активност по целиот мозок. Меѓутоа, на луѓето повеќе им се допаѓа митот, бидејќи нуди надеж за тоа што би можеле да сториме кога би ги користеле останатите 90% од мозокот.
Проѕевањето го поврзуваме со поспаноста и досадата, но тоа всушност помага за будење на мозочните активности. Влегувањето на воздух во белите дробови и кислород во крвта не прави будни. Дека слепите подобро слушаат е познато, а факт е дека слепите и подобро паметат. Вообичаено е дека регионите од мозокот кај слепите, кои обично служат за прием и обработка на визуелни сигнали (т.н. визуелен кортекс) - да се пренаменат за други активности. Затоа слепите луѓе, имаат и подобра меморија. Бидејќи не можат да се потпрат на видот, мораат постојано да се потпираат на сеќавањето, што го изострува капацитетот на мозокот за меморирање.
Компјутерските игри ја зголемуваат способноста на луѓето да работат повеќе работи одеднаш. Модерниот свет е полн со постојани акции - брзи пораки, и-мејлови, видео-игри, а се како да се случува наеднаш. Ако сте постари од 30, можеби се прашувате како тоа младите не се исцрпени од сите тие стимулации. Одговорот е дека нивниот мозок едноставно е трениран за да ги совлада.

Во текот на едно истражување со студенти кои играле акциони игри, забележано е дека тие побрзо ги процесуираат информациите, можат да следат повеќе објекти истовремено и подобро се прилагодуваат на брзи промени на работите. Меѓутоа, некои истражувачи велат дека истовременото извршување на повеќе работи го оптеретува мозокот. Луѓето кои истовремено извршуваат повеќе задачи послабо ја работат својата работа, прават повеќе грешки, дури и почесто се разболуваат.
Големината на мозокот не ја одразува интелигенцијата. Мозокот на Ајнштајн не бил ништо поголем од просечниот. Се чини дека интелигенцијата е зависна од тоа кога се створени синапсите на мозокот. Тие се формираат во текот на детството и тинејџерските години, а начинот на кој тоа се случува може да влијае врз интелигенцијата. Со децении се земаше „здраво за готово“ дека луѓето се раѓаат со сите мозочни ќелии кои ќе ги имаат засекогаш.
Последниве години се собрани многу докази дека мозокот сепак произведува нови ќелии и дека е можно константно да се обновува. Точно е дека физичките вежби го одржуваат мозокот во форма. Како телото старее, така потешко го носи кислородот до мозокот. Телесната активност го подобрува крвотокот, односно дотурот на кислород до невроните. На пример, тренинг за мозокот би било ако одите боси по некоја рапава површина, или да се обидете да пишувате со лева рака (т.е. со десна, ако сте левучар).
Пораките помеѓу ќелиите на мозокот и останатите делови од телото се пренесуваат по пат на електрицитет, но во сосема мали количини. Мозокот користи 12 вати. Не е точно дека мозокот и компјутерот работат на ист принцип. Меѓу нив постојат значителни разлики. Мозокот е во основа хемиски, а не електричен систем. Во секоја мозочна ќелија се одвиваат бројни хемиски реакции, а тоа е потполно различно од принципот на работа на компјутерот. Освен тоа, никој не го програмира мозокот, тој сам ги предвидува и однапред ги решава проблемите, за разлика од компјутерот, кого некој мора да го програмира.

Кога глупа песна ќе почне постојано да ви се врти по главата, тоа е поради способноста на вашиот мозок да памети секвенци. Истата способност овозможува паметење на движењата за потпис на сопственото име, варење на кафе или одредување на трасата до дома. Како да го исфрлите од глава иритирачкиот звук? Пронајдете друга песна.