Friday, March 13, 2020

За Вирусите

ЗА ВИРУСИТЕ

Деновиве топ тема по медиумите, што го засега и секојдневниот живот и функционирањето на институциите – секако е корона вирусот. Прв пат сме сведоци да многу земји во светот применуваат (оправдани) драстични мерки за изолација, како затворање граници, откажување на летови, ограничување на слободата на движење и забрана за сите јавни собири. Откажани се бројни спортски натпревари, концерти, претстави, изложби.
Сепак ова не е ни прв, ни последен вирус со кој се сретнало човештвото, а не е ни прва пандемија. СЗО до сега има прогласено пандемија во 2009 за случајот свински грип, и во 1985 за вирусот HIV. Денес имаме вакцина за H1N1 (свински грип), a со HIV се справуваме успешно со децении (точно се знаат загрозените групи).

Европа како континент најголемите предизвици ги имала во минатите векови. Во 1918 – крајот на Првата светска војна – се појавила шпанската треска (која е исто свински грип, но во тој период немало ни вакцини, ни развиена медицина). Инфицирала 500 милиони луѓе (27% од целата светска популација) претежно во Западна Европа и Америка, од кои 20 милиони починале. Бидејќи било период на војна – луѓето биле групирани во чети и батаљони кои масовно се инфицирале и го ширеле вирусот. Со толкава рата на смртност – вирусот релативно брзо стивнал – уште истата година; според некои - мутирал во поблага форма на настинка, а според други – со смртта на носителите – умирал и вирусот, па така си дал автогол.
(Короната со рата на смртност 2-3% е прилично паметен вирус, бидејќи на тој начин стигнува да се прошири на повеќе носители; за разлика од неа еболата е прилично глупа, бидејќи со рата на смртност 10-15% ги убива своите носители, а со тоа и самата таа изумира).

Големата чума (црна чума) што се појавила во Европа во периодот 1347-1351 се смета за една од најголемите пандемии во човечката историја. Потекнала од глувци (стаорци), ја ширеле муви и инсекти, а се заразиле околу 30-60% од светската популација; имало околу 100 милиони жртви. Се случувало да во еден ден починат половина од сите луѓе што ги познавате. Популацијата во Европските држави се вратила на бројката од пред црната чума - дури во 18 век. Повторно – чумата исчезнала сама по себе, со тоа што преживеаните стекнале имунитет, а другите починале заедно со вирусот. 

Сепак, дури и овие две огромни епидемии не направиле глобално пореметување како што направил вирусот на мала сипаница во Новиот Свет – Северна и Јужна Америка. Европските народи со векови живееле во заедница со домашни животни (крави, овци, свињи). Бидејќи од овие животни потекнуваат најголемиот број вируси (меѓу кои и сите видови сипаници и грип) – Европјаните со текот на годините изградиле имунитет на овие болести и ги прележувале без последици.
За разлика од Европа - американските цивилизации и племиња (Ацтеки, Инки, Северно-американски плаемиња) немале припитомено ниедно домашно животно, живееле од лов, риболов и примитивно земјоделство. Затоа вирусите на мала сипаница и грип за нив значеле сигурна смрт.

После првите контакти на Шпанците со Ацтеките, Маите и Инките – се случил невиден помор на локалното население, исчезнале цели империи. На пр. Кортес пристигнал на брегот на Мексико во 1520 г. со 600 Шпанци и на бојното поле (иако имал пушки и топови) не можел да се носи со Ацтеките кои биле 20-милионска популација. Но при повлекувањето – еден загинат Шпанец ќе им донесе неочекувана предност на Шпанците. Имено во моментот на борба – тој имал мала сипаница, а откако загинал – некој Ацтек го допрел и тоа било доволно да се зарази и да го зарази целото свое племе, а подоцна и сите градови на Ацтеките. До 1600 година останале живи едвај 1 милион Ацтеки кои лесно биле совладени во следниот поход на Шпанците.

Пизаро со 168 луѓе ја освоил империјата на Инките со десетици милиони луѓе. Првиот контакт на Инките со Европјаните била во 1526 год. и тогаш стапиле во контакт со заразен од мала сипаница. При следното доаѓање на брегот на Перу во 1531 – Пизаро наишол на само стотина преживеани Инки кои лесно ги совладал.


Истото се случило и со холокаустот на Северно-американските Индијанци по долината на Мисисипи. Од контактот со Европејците - до 1600 год. скоро сите големи индијански градови во Северна Америка исчезнале, а популацијата била десеткувана. Мала сипаница, грип и тифус биле топ-3 убијци во Северна Америка и од над 20 милиони индијанска популација, останале само стотина илјади преживеани.

Во сите горе-наведени случаи - вирусите се појавиле и се ширеле во густо населени зони со милионска популација. Затоа и направиле огромен пустош. Според тоа и во случајот на корона - само-изолацијатата е најдобар метод за спречување на ширењето на вирусот. Оние што се имунизирани со вакцина или по природен пат (заразени) најверојатно ќе створат имунитет и при следна зараза би поминале полесно; некои за жал ќе починат. Се очекува по неколку посмртоносни мутации - вирусот да стане ендемски и да се прележува лесно кога ќе се стекне имунитет на стадо (herd imunity). Take care…