Оваа колумна ја правам со цел да оставам краток пишан белег за животот на мојата мајка Нада, а во исто време тоа е моја благодарност кон неа за целокупната поддршка што ми ја даваше во моето оформување како личност. И секако за гените што ги наследив од неа.
(Истовремено,
оваа приказна е и хронологија на моето детство и младост, бидејќи секаде
кадешто се селеле и престојувале моите – сме биле и јас и брат ми.)
Пред
да го изложам нејзиниот животен пат – ќе кажам неколоку збора за нејзиното
потекло и за нејзиното моминско презиме – Костадинова.
Мајка
ми е родена на 25.01.1942 во с. Барово (кавадаречко) како втора ќерка на Младен и Спасија Костадинови.
Барово е село во подожјето на Кожув, кое воздушно е оддалечено 15 км од
Кавадарци и 15 км од Демир Капија. Но тоа праволиниско растојание значи да се
патува преку ридови и планина (непроодно за возила, само пеш, или со коњ/ магаре). Доколку се оди по
асфалитран пат – растојанието Кавадарци – Барово е 40 км и се патува повеќе од
1 саат, бидејќи патот е тесен и лош. Денес Барово и околните села се целосно
напуштени и празни. Има само по некоја стара куќа што се користи како викендица
од сопствениците, кои се преселени во Кавадарци, Неготино исл.
Се
до 1960-те целиот тој регион бил густо населен, со многу живост во сите села од
Бошавијата - по течението на реката Бошавица (Конопиште, Крњево, Бохула,
Барово, Горна Бошава, Страгово). Гледано наназад, жителите од Бошавијата биле доста
револуционерни за време на турското ропство и војните во 20-от век (Балканските
војни и двете Светски војни). Целиот регион на Бошавијата бил активна линија на
фронтот во Прва светска војна.
Двајца од браќата на мојот дедо Младен – биле активни партизани во 2. Светска војна. Едниот негов брат загинал при преминување на р. Вардар со сплав при крајот на војната. Мојот прадедо (татко на баба Спасијка) загинал во борба против Турците, најверојатно во 1. Балканска војна и мајка ми не се сеќава на него. Баба ми Спасија била единствено дете-ќерка и со нејзината мајка (прабаба ми Неша) останале сами. Прабаба ми си донела друг маж, но и тој наскоро починал, па ја принудила ќерка си дека мора да земе домазет - што ќе се грижи и за куќата и за имотот - имале многу ниви за работење, а и добиток - овци, крави.
Такашто баба ми најверојатно со стројници го запознала дедо ми Младен (кој бил од Страгово) и тој своеволно решил да појде да живее во Барово, бидејќи по војната неговото семејство со 6 деца било доста сиромашно (биле 4 браќа и 2 сестри) . Во бракот дедо ми и баба ми добиле 4 ќерки - Мара, Нада, Велика и Малина (помеѓу нив имале и починати деца, меѓу кои и машко). Подоцна согледувајќи дека нема син дедо Младен рекол дека куќата е проколната да се испусти, што и се случило во 70-те години, кога целосно го напуштиле Барово.
Мајка ми значи се родила во зимски месец во виорот на војната. Нејзините најрани сеќавања се дека се криеле во подрум при некое бомбардирање и таа плачела во рацете на баба ми. Детството на мајка ми било релативно среќно. Имале ниви и добиток, такашто имале доволно храна. Од образование - мајка ми завршила 5-то одделение, за погорни одделенија требало да оди пеш во Крњево и таа се откажала (подоцна ќе оди на курс за кројачка и ќе шие алишта за пари). Но како девојка - таа и тетка ми Велика биле активно вклучени во земјоделските работи (најстарата Мара се омажила рано - на 17 год., а најмалата Малина била бебе).
Одела на нива, ги изнесувала овците и кравите на пасење, јавала на коњ и магаре, имала блиски средби со волци и змии. Ни кажуваше дека не се плашела од ништо - така биле воспитани сестрите од татко им, да бидат храбри. Не се плашела ни од невреме со грмотевици, често пати се враќала наврната дома.
Првиот избор го направила кога решила да научи занает - кројачка и поради тоа - привремено отишла да живее во Кавадарци, на гости кај сестра и Мара (тоа било во раните 60-ти, а тетка ми Мара по мажењето во Чемерско - се преселиле во градот). Додека престојувала во Кавадарци го запознала татко ми - кој живеел во соседството, а бил дојден во Кавадарци од Крушевскиот регион со цел да заврши средно шумарско училиште, (а во вечерните часови работел во дрвниот комбинат). Мајка ми велеше дека таа се мажела поради љубов и верувам дека било така. Во текот на 3 години се виделе со татко ми вкупно 6 пати, и во 1964 г. решила да се омажи за него.
Татко ми и кажал дека има намера да студира во Србија (Рударски факултет во Бор) и дека ќе треба да го чека во Светомитрани (во подножјето на Крушево). Тоа не ја предомислило мајка ми и на 19 јануари - по студена зима и 1 метар снег решила да се прости од своите и заминала со татко ми на далечно патешествие од Барово во некој непознат крај. Навистина било патешествие, бидејќи на некоја меѓу-делница автобусот заглавил во снег, па младенцие морале да одат и пеш по снегот.
Животот на мајка ми во Светомитрани не бил лесен. Семејството на татко ми било сиромашно - тој имал 3 браќа и 2 сестри, и само мајка (татко му починал млад). Мајка ми морала да работи по нивите додека татко ми студирал 5 години во Србија. Не била добро прифатена од постарата јатрва (сопругата на чичко ми Богоја), но била добро прифатена од свекрвата (баба Таса) и золвата (тетка Елена) - со која беа блиски пријателки до крајот на животот. Во 1969г. останала трудна, но бидејќи не се штедела од селската работа ни до 9-тиот месец од бременоста, бебето што го родила било мртво (и рекле дека е женско). После тој настан мајка ми се преселила во Крушево во куќата на чичко ми Велко и го чекала таму татко ми да дипломира.
По дипломирањето на татко ми (1970 год.)- веднаш добил добра работа во рудникот Злетово - Пробиштип и со мајка ми се преселуваат таму. Добиваат стан под кирија и иако немаат покуќнина - од неколку инженерски плати успеале да си купат се - и мебел и бела техника. Мајка ми шиела алишта за клиентки, а во тој период сме се родиле и јас и брат ми (1971 и 1973 год.). Животот на мајка ми одеднаш станал посреќен и преокупиран со грижа за бебињата. Долго чекала свои деца (ме родила после 7 години брак), па за нас се грижеше како очите во главата. Не' носеше редовно на вакцини, се бореше со нашите настинки, сипаници и други детски болести.
Мајка ми ми кажуваше дека како бебе и мало дете не сум сакал да играм со играчки, сум ги кршел. Сум сакал само таа да ми чита сликовници. Во период кога сум имал 3-4 години сум велел дека сакам да одам на училиште со поголемите деца и таа ми купила ташничка, книга и 2-3 тетратки. Јас сум бил пресреќен. Книгата била читанката „Црвеното лале“ и секој ден сум ја терал по десетици пати да ми чита од неа. Велеше дека сам сум научил да читам на 5-6 години. Од тогаш ја поттикнала мојата љубов кон книгите и кон читањето, што и денес ми е омилена активност, за што сум и вечно благодарен.
Во Пробиштип стеканала и две најблиски другарки - кумата Зорка (постара од мајка ми, која не' има крстено мене и брат ми) и комшиката Љупка (на која пак мајка ми и станала кума и ги крстила нејзините две ќерки - Гордана и Виолета). Ова со крштевањето на деца во црква било забранета тема за време на комунизмот, татко ми бил член да Комунистичката партија, па мајка ми сите кршевања ги направила скришум. Дури и скришно со автобус одела во село Злетово кадешто имало црква (во Пробиштип немало).
Животот на мајка ми го обележале преселбите (поради работата на татко ми, кој работел во различни рудници - Злетово, Ржаново - Фени, идр.). Од едно село во друго, од еден град во друг град, од куќа во стан, од стан во куќа итн., вкупно околу 10 различни живеалишта - во две села (Барово, Светомитрани) и 4 града (Крушево, Пробиштип, Кавадарци, Скопје). Јас и брат ми сме родени во Штип (1971 и 1973) во периодот кога сме живееле во Пробиштип. Такашто цел живот кога ме прашуваат “од каде си, каде си роден?“ јас велам во Штип сум роден, но не знам од каде сум.
Како што велеше мајка ми често – најсереќен период во нејзиниот живот бил кога сме се преселиле од Пробиштип во Кавадарци – годините кога сме живееле во воената зграда (1976-1980). Тогаш јас и брат ми бевме на претшколска возраст и со нас се шеташе во градскиот парк, кадешто ние активно си игравме, а таа си плетеше или си везеше седната на клупа. Во Кавадарци - после 15 години се нашле четирите сестри, овој пат мажени и секоја со по две деца. Дедо Младен починал во 1972, баба Спасијка во 1977 и двајцата се погребани во Кавадарци. Куќата и имотот во Барово останале напуштени.
Во 1977 јас тргнав во школо како прваче во ОУ “Страшо Пинџур“-Кавадарци, а во 1980 тргна и брат ми. Мајка ми беше таа што не' испраќаше и што не' пречекуваше. Таа ни ја прегледуваше сработената домашна работа, ако не и се допаѓаше - не' тераше да ја сработиме по вторпат. Во тек на основното и средното образование татко ми ниту еднаш не се појави на родителски состанок, секогаш одеше мајка ми. Покрај тоа - дома се беше зготвено и исчистено, а јас и брат ми требаше само да си го тераме учењето. И јас и брат ми бевме прогласени за најдобар ученик на генерацијата на крај на основното образование. Подоцна и јас и брат ми дипломиравме на Електротехнички факултет - Скопје, повторно со голема поддршка на родителите.
Покрај трите сестри - во Кавадарци мајка ми си пронајде и стари и нови другарки - тетка Рада, тетка Зара, Родна, Тања и многу други. Имаше интензивно дружење, одење на гости, испиени кафиња, муабети, родендени (тогаш немаше слави). Во 1981 г. се преселивме во новоизградена куќа
од 160 м2, со голем двор и тогаш таа имаше големи обврски да ја одржува
хигиената, да готви, но и да работи во бавчата, кадешто секое лето имавме
најубави домати и краставици, имавме и дрвца - кајсија, праска, круша, слива, а
и јагоди. Многу обврски во периодот 1981-1989.
Поради затворањето на Фени и низа политички влијанија во тоа - во 1989 год. се преселивме во Скопје. Татко ми се вработи во Рударски институт, јас се запишав на Електо-факултет, брат ми средно - во Орце, мајка ми продолжи да се грижи за сите нас. Таа беше инцијатор да славиме матура јас, а подоцна и брат ми (татко ми велеше дека не е некое достигнување да завршиш средно школо). Сама поакни гости, сама месеше кифли, печеше месо, правеше торти. Потоа - кога заминував во војска (септември 1989) пак направи прослава, покани гости од Кавадарци и ми приреди свечено испраќање во ЈНА. И таа е онаа што инсистирала да ми дојдат на заклетва во Сремска Митровица - до каде што мораа да патуваат скоро 24 часа - смениле 2 воза и такси.
Единствен
проблем на мајка ми беше нејзината преголема хигиена и бавност во работата.
Кога готвеше нешто – ќе се случеше по 30 пати да ти измие рацете. Веќе измиени
садови – ги прекплакнуваше по неколку пати. По цел ден стоеше на нозе, и поради
килажата и стоење во место – уште на возраст од 50-тина години имаше проблем со
вените и со поетекување на нозете.
По
преселбата во Скопје (заради работата на татко ми и студиите на мене и брат ми)
– мајка ми чувстуваше некоја тага. Немаше роднини во близина, сестрите и
останаа во Кавадарци. Во Скопје имаше само една братучеда Трајанка и со неа
воспостави контакт и често одевме кај нив на гости, а и тие доаѓаа кај нас во
Влае (првпат дознав и ја запознав втората ми браучеда Сузе).
Во
мавровската населба во Влае кадешто
живеевме – татко ми и мајка ми се запознаа со повеќе комшии и се дружеа со нив
(мајка ми си најде и комшика што беа дојдени во Скопје од Крњево, соседно село
со нејзиното Барово). Дворот
позади куќата во Влае татко ми се обидуваше да го прави бавча, но посната земја
и скопската клима не дозволуваа да има и по неговата смрт дворот остана празен
и пуст. Но мајка ми засади трендафили, лалиња, гладиоли и други дворски
цвеќиња, кои и до ден денес цветаат на пролет.
Како поминаа годините – комшиите што им беа генерација на татко ми и мајка ми остареа и некои од нив починаа, а по починувањето на татко ми (2004), мајка ми престана да се дружи, а во голема мера и го намали движењето и излегувањето до продавница исл. Многу се грижеше за брат ми, кој со својата болест и правеше многу проблеми и грижи. Јас и кога бев во брак и кога бев сам одев 2-3 пати неделно да ги посетувам и беше среќна да ме гледа, да зготви ручек, да ми раскажува настани од младоста. Не и беше мило кога патував во странство - се плашеше да не останам засекогаш, да не може да ме види. Не користеше ни мобилен телефон, ни Интернет.
Мајка ми многу ги сакаше внуците - Софија и Михаил, иако поради мојот развод немаше прилика да ги гледа често. Во 2005-2007 (кога сеуште бев во брак и живеевме во Карпош) - мајка ми активно ни помагаше за чување на Софи. Верувам дека Софи и Михаил ќе ја памтат баба си во своите сеќавања, бидејќи ги носев на ручек кај неа во Влае.
За еден празник Велигден - останав во Влае неколку дена со преспивање и колата ми беше паркирана на улица, пред нивната зграда. Во текот на ноќта некој го украл капакот на шахтата точно пред колата и сабајлето имаше реална шанса тркалото да упадне во шахтата. Иако се знае кои ги краде шахтите во Скопје (“старо купујем“) - таа се распрашуваше кај комшиите да не виделе кој го извадил капакот. Дури и со некои комшии се замери и ги залади односите. Подоцна поради тој настан доби анксиозност - мислеше дека тие комшии ја следат и дека и го прислушкуваат телефонот.
Мајка
ми ја сакаше македонската народна музика и раскажуваше дека нејзината мајка ги
знаела напамет скоро сите староградски песни и често ги пеела (кога биле на
нива). Во 90-те години (по преселбата во Скопје) ги следеше сите музички емисии
по телевизиите, фестивали како Валандово, и омилените песни сакаше да си ги
сними на ВХС касета).
Интересно
е што мајка ми имала прилика да се запознае со своите идоли - Виолета Томовска,
која гостувала на рудникот Ржаново во `80-те, и Васка Илиева – заедно лежеа во Воена болница во
април 1999 (баш во периодот кога НАТО ја бомбардираше Србија и Воена болница
беше скоро празна – пациентите се плашеа да останат во неа).
Друг
интересен факт е што скоро 15 години имаше забодена игла (за шиење) во
стапалото – си ја носеше во внатре во ногата. Си ја набодела уште во Пробиштип
(во 70-те), а се реши да ја извади на хирург дури во 1988 во Кавадарци. Велеше
дека не и смета, но сепак постоел ризик иглата да влезе и подлабоко, дури и до
вена.
По починувањето на татко ми (2004) престана да ја следи народната музика, а почна редовно да гледа вести и турски серии. На мајка ми многу ѝ пречеше насилството и се ужаснуваше од несреќните настани. Кога на вести ќе кажеа за некое убиство (без оглед во која држава), или земјотрес, пожар исл. – таа долго време се прашуваше на глас “Зошто?“.
Со годините почнаа и нејзините здраствени проблеми - со срцето, висок притисок, потечени нозе, спуштена матка. Не сакаше да оди по доктори и да се испитува, но пиеше терапија препишана од матичната докторка Милица. Во јули 2024 (кој беше прежежок месец) и се влоши состојбата со белите дробови (отежнато дишење и исплукуваше крв). Прифати да ја носиме во клиника на 3 август, и направија повеќе снимања, ја задржаа во болница, но на 6 август почина од тромбоемболија (тромби во белите дробови).
Интересен е
фактот што четирите сестри починаа во обратен редослед од возраста. Прва почина
најмладата Малина (во мај 2018, а родена 1951), во ноември 2019 почина тетка ми
Велика (родена 1945), во август 2024 мајка ми Нада (родена 1942), а најстарата
тетка Мара (родена 1940) е сеуште жива (септември 2024).
Мајка ми за
мене е пример на 100% родител кој цел живот бил посветен на децата. Се грижеше
за нас дури и кога спиеше. Тоа секако не се одрази најдобро на нас (поготово не
на брат ми). Мене секогаш ми даваше совети пред да одам некаде на пат. Ме
критикуваше дека возам брзо и невнимателно. И секогаш ми велеше да се пазам од промаја
и настинка.






