Wednesday, February 4, 2015

Вселенски Календар

Вселенски Календар

Во споредба со животот на една ѕвезда (која живее неколку милијарди години) – човечкиот живот е само еден мал блесок, една милисекунда. Во однос пак на лотосовиот цвет (кој се раѓа наутро, а умира навечер) – човечкиот живот е премногу долг и здодевен. Уште еден доказ дека времето е релативна категорија.

Во продолжение ќе го прикажам вселенскиот календар според кој се случиле главните настани во Универзумот (според Карл Саган). При тоа – целото време од настанокот на Универзумот до денес – е пресликано во една година, за да се добие подобар увид колку е стара човечката цивилизација, и што не чека во иднина.


1 јануари – Биг Бенг – настанок на Универзумот (отприлика пред 15 милијарди години)
1 мај – настанок на нашата галаксија – Млечен пат
9 септември – формирање на Сончевиот систем
14 септември – издвојување на Земјата како планета
25 септември – први микроби на Земјата
2 октомври – формирање на најстарите планини што постојат и денес
1 ноември – први микро-организми со полово размножување (измислен е сексот)

Настани во Декември:

1 декември – атмосферата на Земјата се полни со кислород
16 декември – се појавуваат првите црви
17 декември – почнува палеозоик, завршува пред-камбријан
19 декември – се појавуваат првите риби
20 декември – растенија почнуваат да растат на Земјата
21 декември – први инсекти; животни почнуваат да се движат по Земјата
22 декември – инсекти со крилја и први водоземци
23 декември - први дрвја и први рептили
24 декември – први диносауруси
25 декември – почнува мезозоик
26 декември – први цицачи
27 декември – период на Јура, први птици
28 декември – први цвеќиња, изумираат диносаурусите
29 декември – завршува мезозоик, почнува терциер – први примати (мајмуни)
30 декември – еволуција на големиот мозок кај приматите (пред 50 милиони години)

Настани на 31 декември:

13.30 ч. – први предци на човекот (кромањонец, крапинец)
22.30 ч. – настанок на човекот (homo sapiens)
23.00 ч. – користење на камени алатки
23.46 ч. – откриен е огнот, т.е. негово контролирање
23.59 ч. – први цртежи најдени во пештера
23.59:20 ч. -  откриено е земјоделството, и тркалото
23.59:35 ч. – формирани се први градови
23.59:50 ч. – први династии во Египет и Сумерија, зачетоци на астрономија
23.59:51 ч. – откривање на писмото (Месопотамија, Вавилон)
23.59:53 ч. – бронзена металургија, Тројанска војна, откривање на компасот
23.59:54 ч. – железно доба, кралство на Израел и подем на Феникијците
23.59:55 ч. – раѓање на Буда, Атина со Перикле, Александар Велики, во Кина династија Чин
23.59:56 ч. – раѓање на Римската Империја, Архимедова физика, Евклид, Питагора, раѓањето на Исус
23.59:57 ч. – Откриени се нулата и децималните броеви во Индија, пад на Римско царство, муслиманските освојувања (Мохамед).
23.59:58 ч. – Цивилизација на Маите, Византиска империја, Монголска империја, крстоносни војни, dark период во Европа.
23.59:59 ч. - Ренесанса во Европа, Отоманска империја, династија Минг во Кина, Елизабета I во Англија, зачетоци на експериментална наука (Њутн, Кеплер, итн.), откривање на Америка.
24.00 (денес) – широко распространети наука и технологија, ера на Интернет; први обиди да се истражува вселената во потрага по други цивилизации; откриено и употребено оружје за масовно уништување, што може да ја уништи цела планета.

Се гледа дека настанокот на луѓето, и посебно цивилизацијата се со релативно нов датум. Од тука произлегува неизвесноста и опасноста за опстанокот на човечката раса и воопшто на целиот жив свет. Можни црни сценарија би биле – удар од комета или астероид, приближување или оддалечување на Земјата од Сонцето, само-уништување со нуклеарно или биолошко оружје (вируси исл.), климатски промени предизвикани од загадувања итн. Иако во следните десетина илјади години можеме да се чувствуваме релативно безбедни – никој не е во состојба да даде долгорочни прогнози. 

No comments:

Post a Comment