Thursday, January 8, 2015

За напредокот на технологијата

За напредокот на технологијата

Еден од најпознатите светски футуролози Ray Kurzweil – во ’80-те години на минатиот век ја издава својата книга “Ера на интелигентни машини“, во која го предвидува технолошкиот развој на почетокот на 21-от век. Прогнозите дадени тогаш во најголем дел се исполнуваат (Интернет, видео-телефонија, мултимедија на дланка). Сега – во почеток на 21-от век ја издава книгата “Сингуларноста е близу“ во која шпекулира со технолошкиот развој во период 2010-2050 година, а неговите предвидувања одат многу подалеку. 

Некои од оптимистичките прогнози на Kurzweil се:
- До 2025 год. компјутерите ќе тврдат дека се поинтелигентни од луѓето, и луѓето тоа ќе го прифатат,
-    До 2050 год. ќе постои лек за сите болести, како и за можност за регенерирање на човечки клетки (и на неврони), т.е. ќе се постигне бесмртност на живите организми.
-   Во наредните 100-200 години – интелигенцијата ќе се рашири низ цел Универзум, т.е. интелигентните суштества ќе бидат со димензија на молекул.

Kurzweil ги базира своите идеи врз брзината на технолошкиот развој, т.е. ги анализира последните сто години. Имено – технолошкиот напредок во првите 50 години од 20-от век е дуплирање на сѐ она што е постигнато до тогаш. Потоа - во секои наредни 10 години се дуплира претходниот технолошки развој. Што е причината за вака брзиот развој и дали развојот ќе продолжи со истото (експоненцијално) темпо ?

Едно од клучните технолошки откритија на 20-от век е секако интегралното коло, т.е. чипот кој се вградува буквално насекаде (компјутери, телефони, автомобили, медицинска опрема, ракети итн.). Во поглед на полупроводничката технологија, најактуелно е секако предвидувањето на Гордон Мур (т.н. Муров закон), кое го дал во ’60-тите години, како вработен во Интел. Тој предвидел дека ќе се дуплира бројот на транзистори спакувани во чипот во секои наредни 2 години. Тоа значи чиповите ќе се минијатуризираат дупло, т.е. ќе се дуплира процесорската моќ на секои 2 години. Ова предвидување важи и до ден денес ! А тоа со себе повлекува развој на сите сродни технологии – компјутерска индустрија, компјутерски мрежи, телефонија, видео и мултимедија, ракетна техника, медицина, роботика итн. итн. Така, ако првите чипови биле развиени (нацртани) на хартија со молив – денес самите компјутери служат за развој на нови чипови.

Значи од седумдесетите години па наваму – експоненцијален е растот на процесорската моќ, а експоненцијален е падот на цената на чиповите. Исто така екпоненцијален е падот на цените кај уредите за складирање (хард дискови, олптичи уреди), на мрежните уреди, а експоненцијално е зголемен бројот на Интернет корисници и пропусниот опсег на широко-појасните мрежи. Исто така експоненцијално се зголемени вложувањата во образованието (во развиените земји), како и во медицинските истражувања.

Kurweil оди чекор напред и предвидува што кога ќе дојде до физичкиот лимит на чипот? Кога ќе се дојде до крајната минијатуризација на хардверот - тогаш ќе биде потребно воведување на нова парадигма – на пр. биолошки компоненти. Неговите идеи се базираат пред се на развојот на 3 клучни области – генетика, роботика и нано-технологија. Во почеток на 20-от век целосно е разоткриен генетскиот код на човекот. Сега останува лабораториски да се стопираат несаканите гени, а да се засилат (или вметнат) саканите гени, уште на ниво на фетус. Во поглед на роботиката – и таму нѐ очекува драстична минијатуризација; крајната цел е конструкција на нано-роботи – со величина на молекул, кој би можеле да се движат низ крвта и да се борат со клетките на ракот, и воопшто со сите бактериско-вирусни инфекции. Основната идеја се состои во внесување на наноцевчиња во структурата на заболените клетки, кои подоцна под влијание на ласерски сноп се загреваат и ја уништуваат клетката домаќин. Овие наноцевчиња се изработени од јаглеродни атоми и нивните димензии се скоро половина помали од дијаметарот на структурната ДНК молекула, така да во една клетка може да се сместат и неколку илјади наноцевчиња. По две минутно зрачење со ласерска светлина истите се загреваат на 70 степени. Во молекуларниот состав на наноцевчињата се поставени и група на молекули кои ја имаат функцијата на антитело, односно сигнализираат во кои клетки (оние на ракот) треба да делуваат.

Иако основите на нано-технологијата се поставени уште во 80-те години, нејзината практична реализација сеуште е во доменот на science fiction. Развојот на молекуларната нанотехнологоја се темели на концептот на контрола и позиционирање на атомите со цел за изградба на некој систем (машина на пример), кој ќе биде ефикасен, себе-обновувачки, водејќи притоа и сметка за неговата економичност. Крајната цел, според физичарот Feynman, е да може да се аранжира (да се направи) било што - атом по атом (на пр. да се направи човек од атоми на јаглерод, водород, кислород, да се прави храна неограничено, да се прави нафта неограничено, сите болести се излечиви, ги подмладуваме органите, вклучително и мозокот, итн.).

Исто така, актуелни се и истражувањата на мозокот, т.е. негово целосно скенирање и по можност реплицирање во наредните 20 години. Во современата неуро-наука постојат модели и симулации на мозокот добиени преку скенирање, интер-невронски конекциски мрежи, како и психо-физички тестирања.  Но денешните инструменти за скенирање на мозокот (MRI) се сеуште многу примитивни за да можат да ја доловат неговата структура. Тоа е како да се обидете да фатите зрно песок носејќи боксерски ракавици на рацете. Се очекува голем напредок во таа област во следната декада, а според Kurzweil - поедноставно е да се симулира регион по регион од мозокот (на пр. посебно центарот за вид, посебно за слух), отколку да се оди надолу на ниво на поединечни неврони.


Замислете ваква ситуација – ако вие учите француски или ја читате Војна и мир – не можете директно да го пренесете своето знаење врз другите луѓе. А ако компјутерот научи француски – другите компјутери ќе направат само “download” на тоа знаење и сите за 1 секунда ќе научат француски. 

Секако – постојат и скептици во поглед на овие предвидувања. Нивните аргументи се – во ред, хардверот напредува со одлично темпо – имаме се побрзи и поефтини компјутери, но дали софтверот го следи тоа темпо? За да се симулира интелигентно поведение – неопходен е супер брз процесор (или милиони процесори), но каков ќе биде софтверот на вештачкиот мозок? Што ако софтверски вирус навлезе во нано-роботчињата? Има безброј отворени прашања, а времето ќе покаже дали ќе бидеме сведоци на нова технолошка револуција.

No comments:

Post a Comment