За мојот татко – Митре Гацоски (1936-2004)
Оваа колумна ја правам со цел да оставам краток пишан белег за животот на мојот родител, а во исто време тоа би било моја благодарност кон него за целокупната поддршка што ми ја давал во моето оформување како личност. И секако за гените што ги наследив од него.
Пред да го изложам неговиот животопис – мора да се навратам за потеклото на семејството Гацоски. Во Македонија презимето Гацоски е многу ретко и може да се каже дека сите Гацоски сме од една лоза, чие оригинално потекло е од крушевскиот регион, поточно с. Светомитрани. Но исто така постојат уште две фамилии со корен Гацо, и тоа Гацовски во Битола и Гацови во Штип. За Гацови од Штип со сигурност се знае дека се со потекло од егејскиот дел на Македонија, а за семејствата од Крушевско-Битолскиот регион се шпекулира дали се автохтони, или се дојдени од југот кон крајот на 19-от век.
За егејското потекло постојат и писмени докази. Ангел Гацо од Воден, е познат војвода и учесник во Негушкото востание. Роден е 1771 во с. Саракиново (Воден). По задушувањето на Негушкото востание, заедно со брат му Петар Гацо – учествува и во грчкото востание каде се прославува во повеќе битки и учествува во борбите сѐ до протерување на Турците од Грција. Умира како полковник на грчката армија во 1839 година. Него Грците го сметаат за свој херој (го викаат Ангелис Гацос) и му имаат подигнато споменик во Саботско (Аридеја). Исто така и Бугарите го присвојуваат како свој револуционер, како што прават и за Гоце Делчев, Јане Сандански итн. Неговиот син Мицо по грчкото востание добил чин генерал.
Многу е веројатно дека еден од потомците на Ангел и Петар Гацо (Сокол Гацо) се населил во пелагоноискиот регион во средина на 19-от век, што би значело дека и фамилијата Гацоски најверојатно потекнува од егејскиот дел на Македонија. За самите Гацоски од Светомитрани постојат писмени докази од крајот на 19-от век. Имено дедо Веле (мој пра-прадедо и син на Сокол) бил исто така револуционер и комита, и по неколку индивидуални акции врз Турски големци – самиот бил наместен во заседа и ликвидиран од Турците. Негови деца биле Петре, Иван и Спиро. Дедо Петре е мој директен прадедо. Роден е во 1888 година, а починал во 1969 година. Во својот живот активно се вклучил во Првата и Втората светска војна, секогаш на вистинската страна. Иако за него потмците велат дека бил релативно неактивен, сепак ја избрал комунистичката партија како своја водилка, со што успеал да добие обработливо земјиште и шума од државата. Во 1968г. дедо Петре учествувал во дочекот на Ј. Б. Тито во Крушево. Дедо Петре имал три деца – Тасе, Ѓурѓа и Ристана. Мој дедо, (татко на татко ми Митре) е Тасе. Тој е роден во виорот на Балканските војни (1912 г.). Во својот краток живот бил многу вреден и работлив, и исто така се вклучува во партизанското движење во Втората светска војна. Бил директна врска помеѓу партизанските одреди од Крушево и одредите од околните места (Бакарно гумно). После војната е еден од носителите на аграрната реформа во општина Крушево. Починува многу млад - од убод со трн во 1946 год. Има шпекулации дека не ја добива потребната нега во болницата, бидејќи како комунист и учесник во национализацијата – имал доста непријатели во Крушевската болница. Со тоа ја остава самохрана мојата баба Таса и 6 малолетни деца (Богоја, Митре, Велика, Велко, Ѓорѓи, Елена – мои стриковци и тетки), од кои едното (тетка Елена) родено по неговата смрт.
А што да кажам за мојот татко Митре? Тој сам за себе бил херој. Направил доста подвизи во животот и доколку бил роден во некоја американска прерија – денес можеби ќе имаше снимано филм за неговите авантури. Како прво – останува без татко на 9-годишна возраст, заедно со уште 3 браќа и 2 сестри. Митре е второ дете по ред (роден е 1936 год., 2 години помлад од братот Богоја). На нив паѓа и главниот товар и грижата за семејство – по смртта на татко им Тасе. Семејството после војната е во прилична сиромаштија, но потенцијал добиваат со национализацијата – неколку хектари обработлива земја и шума. Уште како деца се приморани на земјоделска работа, најмногу тутун, жито, сточарство и продавање огревно дрво од својата шума.
Митре рано сфаќа дека иднината нема да му биде во родното село, но по завршување на основно училиште - нема услови да се школува, па интензивно се грижи за земјоделските работи и за прехрана на семејството. Некои епизоди од неговата младост се блиската средба со мечка (на два пати) во крушевската корија, засадувањето на првиот лозов насад во крушевскиот крај, и случајот со скопскиот земјотрес од (26 јули ’63 год.), кога во 5.15 наутро, татко ми чистел бунар во селото и бил на 5 м. под земја, па затоа бил единствен во тој крај што го почуствувал големиот земјотрес на 200 км растојание од епицентарот.
Во 1956 год. заминува на служење на воениот рок во тогашната ЈНА и тоа е пресвртница во неговиот живот. Никогаш повеќе нема да се врати да живее во родното село, а ќе се сели најмалку 10 пати. Воениот рок во тоа време траел 2 години. Првиот период го поминува во Пожаревац (Србија), и тогаш се обучува за радио-телефонија и телеграфија. После обуката е избран во редот на Сините шлемови – прва мировна мисија на Обединетите нации во Египет. За оваа мисија имало ригорозно тестирање (пешачење од Загреб до Сараево) – и татко ми бил еден од 150 војници од цела Југославија во мисијата UNEF. Меѓународната воена единица служела да ги раздвои Арапите и Евреите во спорната зона Синај (тоа е војна помеѓу Египет и Израел и е т.н. Суецка, или Синајска војна). Во Египет татко ми специјализирал за радио-телеграфија, научил да плива, а бил и близу до огнена линија. Од Египет донесол во своето село – прво радио, прв велосипед и прва машина за шиење, донел убави фотографии, многу спомени од бојно поле и Орден за храброст.
Што е следниот негов подвиг? На 23-годишна возраст се запишува во средно училиште – Шумарско во Кичево, каде ги завршува првите две години, а трета и четврта ги довршува во Кавадарци (во тој период ја запознава и мајка ми). На 28-годишна возраст (1964 г.) се жени, па заминува да студира! Одбира тежок Факултет – Рударски во Бор, бидејќи за него добива државна стипендија. Факултетот бил навистина сериозен – имал околу 50 испити и траел 5 години. Виша математика, механика, статика – биле дисциплини со кои првпат се среќава. Како што велеше многу години подоцна – работел 25 ч. на ден за да може да се носи со другите студенти. И ни завидуваше на нас – младите генерации што сме се запишале на Факултет на 18 години. Стипендијата одвај му стигнувала да си го плати студентскиот дом и исхраната, па за пари им работи семинарски и дипломски на побогатите деца (го викале на прекар Чича). Во тој период ослабува над 20 кг. и почнува да пуши интензивно. Напорната работа сепак се исплатела и од генерацијата од 120 студенти што почнале I година – дипломирале само 6. Меѓу нивните имиња се нашло и името Митре Гацоски. Сите 6 студенти се наградени од Факултетот со стручна екскурзија низ Европа, и тогаш татко ми за прв пат ги видел Венеција, Ница, Кан, Париз.
Знаењата што ги стекнува на Факултет – долги години ги спроведувал на дело во Злетово и Фени, и до ден денес важи за еден од најдобрите практичари на рударската струка во Македонија. По дипломирањето се вработува во Злетово (Пробиштип), таму работи од 1969 год. до 1976, и во тој период сме родени јас (1971) и брат ми Марјан (1973). И двајцата сме родени во Штип, иако никогаш не сме живееле таму. Во целиот период на работа во Злетово се истакнува со преголема ангажираност, постојано присуство во јама – 20 км под земја, и ноќни дежурства. Се истакнал во една пригода со тоа што предвидел уривање во едно од окната, и им ги спасува животите на 30 рудари! Кога се отвара Фени во Кавадарци (1976) – меѓу првите добива понуда за работа, па сите фамилијарно се селиме во Кавадарци (јас таму сум завршил основно и средно). И во Фени се истакнува со неуморна работа, со ноќни дежурства, фактички го погига цел рудник од нула. Она што постои денес како Фени – е 90% направено во седумдесетите и осумдесетите години, кога татко ми бил на раководна функција. Од тој период му е и вториот Орден за заслуги, заради посебното ангажирање при градбата на подвижната трака од Ржаново до Возарци, долга 37 км (која неколку пати се уривала заради временски непогоди – тешки наноси снег). Иако не зборувал друг странски јазик освен руски (заради неговата стручност) е дел од тимовите што ги посетиле САД, Канада, Германија, Шведска – за време на работењето во Фени.
Во 1985 год. по затворањето на Фени – предизвикано од рекордно ниската цена на никелот – како технички директор на рудникот – обвинет е за проневера на пари, т.е. за набавка на погрешни машини. Вината не постои, па е ослободен од судот, а целата судска постапка е фарса, т.е. политичка пресметка помеѓу Драгољуб Ставрев и Лазар Колишевски кон ген. директор на Фени - Никола Минчев, (бидејќи кога Минчев бил министер во повоена Македонија, го ставил Колишевски да биде ’само’ директор на ЈП Македонски шуми). Потоа татко ми го оснива Рудкоп, како фирма – наследник на Фени и вработува најголем дел од кадарот, а дејноста му е изведување на рударски активности за останатите рудници во Македонија и Југославија.
Во 1989 год. нашето семејство се преселува во Скопје, каде татко ми Митре наоѓа работа во Рударски институт. Од тој период нема ништо позначајно во неговата кариера, со тоа што започнува криминалната приватизација во Македонија, па и Рударски станува акционерско друштво. Тие што имаат позиција – стануват газди, а сите стручни кадри работат за мизерна плата. Во 1996 год. татко ми преживува инфаркт на работно место. По тоа му е вграден стент, заминува во инвалидска пензија и се откажува од пушењето, после 30 години активно пушење. Пензијата му е дупло поголема од последната плата, заради златниот период во Злетово и Фени (’70-те години), кога бил осигуран на плата од неколку илјади евра. Во пензиските денови не работи ништо посебно – се грижи за бавчата позади куќата во Влае.
Во 2003 год. (после моето враќање од студискиот престој вои САД) на татко ми му е дијагностициран рак на белите дробови. Тој чувствуваше симптоми на кашлање во 2001 и 2002, но не направи ниеден здравствен преглед. Причина за болеста е можеби пушењето, но и долгите години поминати во рудник (пред се Злетово, каде што се експлоатира олово), и каде што не се штедел, туку бил за пример и по цели денови минувал во јамата со работниците, иако бил директор. И покрај нашето целокупно ангажирање околу неговата болест, со сите средства на современата и алтернативна медицина, животот на Митре Гацоски згасна на 21 ноември 2004 година. Според типот на дијагноза – small cell cancer, истурка и повеќе од вообичаеното предвидување (3 месеци) за таа болест. Почина во големи болки, но со стегнати заби. Последните седум дена не беше контактибилен, не земаше храна, но знаеше се што се случува околу него.
Датумот 21 ноември 2004 (беше недела вечер), можеби е навидум обичен, но за мене донесе многу симболика. Како прво - на 21 ноември е верскиот празник Архангел Михаил – светец кои ги собира душите на покојните верници. Потоа – кога правевме 40-дневен помен, денот беше 31 декември, значи сама Нова година. И конечно, 6-месечниот помен од неговата смрт беше 21 мај, а тоа е датумот на мојот роденден.
Татко ми е за мене единствен пример на идеален спој од физичка сила и издржливост, но и интелигенција и образованост од друга страна. Во слободното време читаше многу книги и сакаше да го надомести она што не го научил во младоста. Се интересираше за спорт и музика. Сакаше да поминува време со мене и со брат ми, но такви прилики имаше малку заради неговите работни обврски. Со неговите браќа и сестри имаше срдечни односи, а најмногу контактираше со стрико ми Велко од Крушево.
Во поглед на физичката сила и издржливост имаше евидентни докази – на 60 годишна возраст (до пред инфарктот) можеше да цепи дрва – 1 кубик на саат. Бавчата од пола декар ја прекопуваше за 2 саати. Во младоста има еден интересен настан што треба да се забележи. Бил поканет на свадба кај другар во Кичево, но немал свечени панталони. За да помине поефтино – решил да си сошие панталони кај кројач во Крушево. Крушево и Светомитрани се на 20 км растојание – но тоа е интензивна угорнина (планина). Сабајлето оди пеш до Крушево – мајсторот му зема мерка и татко ми се враќа дома. Во 2 саати окосува една нива со жито. Попладнето пак оди во Крушево пеш – ги зема панталоните и се враќа дома (тоа се поминати 80 км, без окосената нива).
Вечерта со велосипед заминува на свадба во Кичево !!
За време на средношколските денови во Кавадарци – кога дошол зимскиот распуст – паднал голем снег и автобусите престанале да возат. Татко ми со уште еден пријател од Прилеп - си тргнале пеш за дома, и при тоа татко ми поминал 75 км по снег, од кои последните 25 – ги поминал сам.
За време на работата во Фени (Кавадарци) при една временска непогода (интензивен снег) – ноќно време се враќа пеш од Ржаново во градот (40 км). Тогаш има 45 години.
Денешните Гацовци не се толку физички силни. Доста се интелигентни, многу упорни и вредни, но исто така со голем инает во карактерот што понекогаш им носи невољи. Инаку се бескрајно чесни и добри по душа, и посебно срдечни кон сите пријатели.
Tuesday, December 15, 2009
Subscribe to:
Post Comments (Atom)


No comments:
Post a Comment