Friday, January 31, 2014

Музеите-мали тајни на големите земји

Музеите-мали тајни на големите земји

Оваа колумна ја испратив во „Дневник“ во јули 2003 (по моето враќање од САД) и беше веднаш објавена. Сега се појавува во online архивата на Дневник како ре-објавена во март 2006 (значи објавена е по втор пат). Во периодот кога беше прв пат објавена (2003) премиерот Груевски беше опозиција, но се надевам дека ја прочитал и добил некаква инспирација. Проектот Скопје 2014 беше најавен во 2009 година, а денес е речиси готов...

Го пишувам ова писмо по враќањето од Њу Џерси, САД, каде имав прилика да научам нешто и за американското уредување. Во глобала, животниот стил не е многу различен од европскиот. Разликата е во ситниците. Воден од желбата Македонија да ја видиме во ЕУ, помислувам на работите кои го оддалечуваат Скопје од другите светски метрополи. Пред се, работите што се воочливи на прв поглед: комуналната нехигиена и метежот во сообраќајот. Катните гаражи и жолтите такси возила веќе неколку години се присутни во Софија и Букорешт. Не е чудо што соседите ни побегнаа во трката за Европа, иако долго време се сметавме за понапредни од нив. Во оваа прилика сакам да зборувам за еден сериозен проект.

До својата 31 година имав среќа да ги посетам Лувр (Париз), Метрополитен (Њујорк) и Ермитаж (Ст. Петерсбург), Музејот на цивилизации (Отава), Музејот на американска историја и Музејот на авијација (Вашингтон). Нема да истакнувам за какво богатство и раскош станува збор. Тие претставуваат гордост не само за земјите што ги поседуваат, туку и за целата човечка цивилизација - доказ за растежот и падовите. Иако нашата земја има богата историја, нема ни една институција каде што ќе ја презентира. За да не споредувам со богатите земји, ќе кажам дека сум ги посетил Музеите на Национална историја на Албанија, Бугарија, Романија и Хрватска. И тие се доволно големи и впечатливи и претставуваат неизбежна дестинација на сите странски делегации. 


А што презентираме ние? Секако Охрид, кој е светска ризница, уште поубав со обновените Плаошник и Самоилова тврдина. Етнолошкиот музеј иако е вкусно аранжиран, сепак е премалку за една земја што носи славно име. 

 Автобуската станица треба итно да се дислоцира, а на нејзината локација да се почне проект за изградба на Музеј на Национална историја. Некој ќе праша: Што имаме да изложиме во тој музеј, кога целото наше богатство е разграбано, најголем дел во Белград? И во големите музеи најголем број експонати се реплики на оригиналот, а ние имаме скулптори, уметници и занаетчии. Во Музејот на Американска историја има посебна просторија посветена на 11 септември, во која се изложени униформи на загинатите пожарникари и предмети што им биле најдени по џеповите. Во загребскиот музеј поставена е собата на Туѓман во моментот кога дворецот бил гаѓан со српска граната. 

А што ќе изложиме ние? Скулптури и предмети од античкиот и византискиот период. Просторија на византиските императори на чело со Јустинијан. Оружје и оклопи од времето на Самоил. Просторија на Климент и Наум Охридски - икони, фрески и книги со нивни ракописи. Просторија на прилепските кралеви Волкашин и Марко. Мини-амам на некој од скопските паши, типична охридска, крушевска, битолска, турска и албанска соба од 19.век. Просторија со резби од дебарските зографи. Просторија на браќата Миладиновци, Прличев, Мисирков. Простории посветени на Илинденското востание, солунските атентатори, балканските војни, Првата светска војна, НОВ. Просторија посветена на браќата Манаки, просторија на АСНОМ. Просторија на Мајка Тереза и на скопскиот земјотрес. Просторија на Тито и комунистичката младина. Да - и тоа е наша историја што посетителите би сакале да ја видат. Просторија за фолклорот - народните носии и музичките инструменти (покрај секој инструмент да има слушалки за посетителот да може да чуе како звучи инструментот).

Ова нека биде апел до премиерот, градоначалникот и сите одговорни министерства поефикасно да го собираат данокот и да го трошат на паметни проекти со кои ќе бидат запатмени и со кои ќе се гордеат и идните генерации.

П.С. Едно саботно попладне шетав низ гратчето Хајланд парк (30 км од Њујорк) и влегов во една книжара. Меѓу рафтовите наидов на енциклопедија на најдобри светски фолк песни. Веќе погодувате? Ги имаше "Билјана" и "Зајди, зајди". Во истата книжара имаше и книга за ренесансната уметност, а таму беше фреската "Оплакување" од Св. Пантелејмон во Нерези.

Затоа, се надевам дека музејот ќе го дочекаме во нашиот "лајфтајм".

Д-р Зоран Гацовски,  Доцент на Воена Академија

No comments:

Post a Comment