Јас и Грците
Повремено, еднаш
месечно – печатените и електронските медиуми го истакнуваат проблемот со
Грција, но не само во политички контекст, туку и во меѓу-човечки контекст (како
сме малтертирани на граница исл.). Во продолжение ќе ви го изложам моето
искуство со нашите јужни соседи.
Во Грција сум бил
многу пати, од кои 3 пати службено (во Атина) и повеќе пати приватно (на одмор
– претежно Халкидики). Ниеднаш не сум имал непријатност на национална основа,
иако сум се претставувал како Македонец. Минатото лето (2013) иако имаше голем
број оштетени возила од Македонија (најмногу во Ханиоти), мојата кола 8 дена
беше паркирана во центарот на Ханиоти и немав ни гребнатинка. Можда тоа е
случајност или среќа, но она што го доживеав во 2001 година мислам дека не беше
случајност...
Токму во периодот
кога се водеа жестоки битки на Скопска Црна Гора (јуни 2001) - јас и уште
двајца колеги од Министерството за одбрана бевме испратени службено на СЕСИМ
конференција во Атина (нашето патување беше финансирано од Американците и
конференцијата беше прилично важна за
сите Армии од Југо-источна Европа). Да не беше кофликтот кај нас – сигурно
некој друг ќе беше шеф на нашата делегација, а не јас. Таму бевме срдечно
пречекани, од аеродром до хотелот бевме организирано префрлени со лимузина и за
време на целата Конференција немавме никакви проблеми. Иако натписот пред нас
гласеше ФИРОМ, јас во дискусијата повеќе пати кажав Македонија и никој не
реагираше.
Конфликот во
Македонија воопшто не беше на дневен ред (тема на Конференцијата беше
симулациска мрежа што требаше да се воспостави во сите држави и тоа навистина
се оствари во 2003). Сепак на маргините и по кулоарите на хотелот многу се
дискутираше за конфликтот кај нас, а тоа не ме спречи да имам добри и срдечни контакти
со колегите од Албанската делегација.
Во една таква
прилика (пауза) јас стоев со главниот претставник на Американската делегација
(една постара госпоѓа), а имаше присутни и од Албанците и од Словенците. Тогаш
ми пријде главниот организатор и координатор на Конференцијата (грчки Генерал)
и ми рече на англиски: “Зоран, целосно ве поддржувам за се што презема вашата
Влада против вооружените Албанци. Дури треба и пожестоко да удрите“. Јас се
зачудив, а мислам дека и Американката. Не очекував ваква екплицитна изјава,
иако претпоставув дека секогаш кога Грција би бирала сојузник помеѓу нас и
Албанија – би не избрала нас.
На истата таа
Конференција, за време на една пауза – седевме во лобито на Холидеј Ин – Атина
(каде и се одржуваше конференцијата). Еден од колегите од другите држави се
претстави дека е пилот и дека повеќе години е на мисија во Босна. Целата
дискусија беше на англиски, но кога тој виде дека на масата сме сме само Хрвати
и Македонци – почна да зборува српско-хрватски (што го научил во Босна). Патем,
се претстави дека е Грк. “Аа, значи ти си Грк?“, му реков јас на македонски.
Тој секако ме разбра и се насмеа. Иако јас тогаш бев обичен инженер
(раководител на одделение во МО), а тој беше пилот на Мираж, сфати дека јас го
потценувам, и дека воопшто – сите ние што потекнувавме од бивша Југославија се
сметавме за подобри и попаметни од Грците. Дали сме биле во право не знам, но
јас секако наоѓав подобар заеднички јазик со Србите и со Хрватите.
За да не испадне
дека се било розово – имав и мала непријатност на аеродромот во Атина на
враќањето за Скопје (во истата 2001 година; тогаш имаше директен лет
Скопје-Атина, со Олимпик). Имено, секогаш на влез во Грција пополнуваме лист
(со Име, презиме исл.) на кој удираат печат и тој документ служи како влезна
виза (бидејќи не ни ги признаваат пасошите). Кога слетавме во Атина уредно си
пополнивме таков лист, но за заминување – јас сум го спакувал листот во торбата
и истата ја чекирав како багаж, а јас само со пасош в рака продолжив кон
гејтовите. Нормално пред гејтовите има полициски шалтер – на кој треба да ти
удрат печат за излез и јас културно им го давам пасошот. Тие се возбудија како
да фатиле жежок костен в раце и ми велат – дечко кај ти е “папирот“? Јас се
сетив дека “паприот“ отиде да лета без мене и им ја објаснив ситуацијата. Но
тие беа неумоливи и ми рекоа дека ако не им го обезбедам листот - ќе го
испуштам летот. Ме фати мала паника и веднаш се вратив на шалтерите за чекирање
и им кажав да го прогласат мојот куфер за изгубен багаж – за да не се товари на
авион. По 5 минути ме спуштија во депото за изгубени багажи, го најдов куферот
и трк на гејтовите. Бордингот беше почнат, полицајците од шалтерот беа среќни
што имаа каде да ми удрат печат, а јас бев уморен од трчање. Среќно полетав за
Скопје, каде што бевме пречекани во воена атмосфера и со хеликоптери кои го
надлетуваа Арачиново...

No comments:
Post a Comment