Sunday, December 14, 2014

За Атомот

За Атомот

Сите сме ја сретнале познатата равенка на Ајнштајн E=mc2, но малку од нас го знаат значењето и смислата на ова равенство. Дури и актерката Камерон Дијаз во едно интервју изјавила дека и е најголема желба да го знае значењето на оваа равенка.

Пред сѐ – равенката е многу елегантна и звучи едноставно, но нејзиното објаснување бара широки познавања од теориска и нуклеарна физика. Во кратки црти – кажува дека енергијата што ја содржи секое тело е еднаква на производот од неговата маса и брзината на свелтлината на квадрат. Ова би значело дека и најмало парче хартија може  да произведе енергија од рангот на хидрогенска бомба (стотици килотони). Проблемот е како масата да се претвори во чиста енергија? Ова за сега е можно преку делење на јадрото само кај некои хемиски елементи (ураниум, плутониум) при што се добива огромно количество енергија од сосема мала маса на елементот. Причината за тоа е што јадрото на овие елементи има вишок од 1 неутрон и како такво е подложно на лесна делба (цепење).

Многумина не биле сигурни во оваа теорија се додека не се случило активирањето на првата атомска бомба во Хирошима. Како изгледа ова фасцинантна трансформација од маса во енергија? Бомбата што пуштена од висина 10000м, за 34 секунди доаѓа на висина од 700 метри и на таа висина се активира детонаторот. Кај бомбата биле ставени две ураниумски полнења оддалечени на растојание околу 1 метар. При активирање на детонаторот – едното полнење се судира со другото и неутроните од првото навлегуваат во јадрата од второто ураниумско полнење. При тоа почнува верижна реакција – делба на јадрата на ураниумот; од едно јадро се создаваат две, од две – четири итн. Исчезнува масата – т.е. се претвора во енергија на движење на неутроните! Верижната реакција трае 80 генерации на дуплирање, пред да заврши. Од активирањето на детонаторот – до овој момент поминале неколку милисекунди. Заради огромното движење на неутроните – почнува нагло загревање на металната обвивка на бомбата.

Од тука натаму престанува делењето на јадрата, а почнува претварање на енергијата на движење – во топлинска енергија. Температурата во јадрото на бомбата на почеток била иста со температурата на воздухот (20 С), но заради огромниот број на судири помеѓу неутроните – за неколку милисекунди температурата достигнува 5000 С (колку површината на Сонцето), а потоа и неколку милиони степени (колку внатрешноста на Сонцето). Условите во внатрешноста на бомбата се слични со првите моменти на креирање на Универзумот. Во тој момент настапува централната ерупција, која е видлива во радиус од десетици километри.

На небото над Хирошима тоа се манифестира како огромно Сонце да паднало врз градот. Топлинската енергија се шири во дел од секундата. Првите десетици илјади жртви се резултат на овој топлотен бран. Бранот се шири со огромна брзина (над 1000 км/час) и е многу тивок (бидејќи е побрз од било кој звук). Потоа следи вториот – ударен бран, како резултат на изедначување на воздушните притисоци. Тој се шири побавно, но организмите што ќе му се најдат на патот експлодираат во судир со вакумскиот простор. На крај останува само радиоактивната контаминација која може да дејствува и со години.

А кога во воздухот ќе се појави огромната печурка од чад – работата на E=mc2 е веќе докажана.


Monday, November 17, 2014

За Мозокот

За Мозокот

Слободно може да кажеме дека мозокот е најсложената и најсовршената структура што настанала по природен пат, не само на Земјата, туку и во целата Галаксија. Токму структурата на мозокот е она што го направило човекот да стане Homo sapiens, т.е. да се издвои од другите живи суштества (пред сѐ од својот предок – човеколикиот мајмун).

Познато е дека секој мозок содржи повеќе неврони (нервни клетки) отколку што има ѕвезди во Галаксијата. Уште позначаен факт е што функционирањето на мозокот не се базира на самите неврони, туку на врските помеѓу нив (синапсите). Типичен неврон од кортексот е поврзан со 10.000 други неврони. Денешните инструменти за скенирање на мозокот (MRI) се сеуште многу примитивни за да можат да ја доловат неговата структура. Тоа е како да се обидете да фатите зрно песок носејќи боксерски ракавици на рацете.

Дали може да се креира интелигентна машина, т.е. компјутер кој ќе симулира свесно поведение?

Според традиционалниот пристап во вештачката интелигенција (од седумдесетите години на минатиот век), одговорот е секако да, само треба да се почека на дополнителен развој на хардверот и на софтверските алгоритми. Според современиот пристап на невро-науката и на когнитивните науки – можеби ќе биде можно да се произведе таква машина, но таа ќе треба сама да еволуира од фаза на дете до фаза на зрелост (интелигенција). Значи не се доволни само сензорските влезови, на пр. видот да може да се симулира со камера (и софтвер за визија), слухот со микрофон (и софтвер за препознавање говор), допирот со сензори за допир, говорот со звучник (и синтетизатор на говор). Многу поважно е процесирањето на сите овие влезови и продуцирањето на интелигентно поведение, т.е. покажување на функции за кои машината не е експлицитно програмирана. Значи поимот интелигенција е неизоставно поврзан со поимот учење. Интелигентната машина треба да може сама да учи и при тоа ќе мора да ги користи своите сетила (вид, слух, допир исл.). И не е извесно дали нејзиниот мозок ќе се базира на слилициумски чипови или на биолошки материјал.

Дали човекот навистина користи само 10% од мозокот? Дали поголемиот мозок е и поинтелигентен? Слушаат ли слепите подобро од оние кои гледаат? Зошто не можеме од глава да ја извадиме мелодијата која не нервира?

Британски „Дејли мејл“ објави интересни делови од книгата на невролозите Сандра Амот и Сем Ванг, кои разоткриваат некои од вообичаените заблуди. Иако половина од човештвото мисли дека користиме 10% од мозокот, сепак во реалноста секојдневно го користиме целиот мозок. Дури и најмалите задачи поттикнуваат активност по целиот мозок. Меѓутоа, на луѓето повеќе им се допаѓа митот, бидејќи нуди надеж за тоа што би можеле да сториме кога би ги користеле останатите 90% од мозокот.
Проѕевањето го поврзуваме со поспаноста и досадата, но тоа всушност помага за будење на мозочните активности. Влегувањето на воздух во белите дробови и кислород во крвта не прави будни. Дека слепите подобро слушаат е познато, а факт е дека слепите и подобро паметат. Вообичаено е дека регионите од мозокот кај слепите, кои обично служат за прием и обработка на визуелни сигнали (т.н. визуелен кортекс) - да се пренаменат за други активности. Затоа слепите луѓе, имаат и подобра меморија. Бидејќи не можат да се потпрат на видот, мораат постојано да се потпираат на сеќавањето, што го изострува капацитетот на мозокот за меморирање.
Компјутерските игри ја зголемуваат способноста на луѓето да работат повеќе работи одеднаш. Модерниот свет е полн со постојани акции - брзи пораки, и-мејлови, видео-игри, а се како да се случува наеднаш. Ако сте постари од 30, можеби се прашувате како тоа младите не се исцрпени од сите тие стимулации. Одговорот е дека нивниот мозок едноставно е трениран за да ги совлада.

Во текот на едно истражување со студенти кои играле акциони игри, забележано е дека тие побрзо ги процесуираат информациите, можат да следат повеќе објекти истовремено и подобро се прилагодуваат на брзи промени на работите. Меѓутоа, некои истражувачи велат дека истовременото извршување на повеќе работи го оптеретува мозокот. Луѓето кои истовремено извршуваат повеќе задачи послабо ја работат својата работа, прават повеќе грешки, дури и почесто се разболуваат.
Големината на мозокот не ја одразува интелигенцијата. Мозокот на Ајнштајн не бил ништо поголем од просечниот. Се чини дека интелигенцијата е зависна од тоа кога се створени синапсите на мозокот. Тие се формираат во текот на детството и тинејџерските години, а начинот на кој тоа се случува може да влијае врз интелигенцијата. Со децении се земаше „здраво за готово“ дека луѓето се раѓаат со сите мозочни ќелии кои ќе ги имаат засекогаш.
Последниве години се собрани многу докази дека мозокот сепак произведува нови ќелии и дека е можно константно да се обновува. Точно е дека физичките вежби го одржуваат мозокот во форма. Како телото старее, така потешко го носи кислородот до мозокот. Телесната активност го подобрува крвотокот, односно дотурот на кислород до невроните. На пример, тренинг за мозокот би било ако одите боси по некоја рапава површина, или да се обидете да пишувате со лева рака (т.е. со десна, ако сте левучар).
Пораките помеѓу ќелиите на мозокот и останатите делови од телото се пренесуваат по пат на електрицитет, но во сосема мали количини. Мозокот користи 12 вати. Не е точно дека мозокот и компјутерот работат на ист принцип. Меѓу нив постојат значителни разлики. Мозокот е во основа хемиски, а не електричен систем. Во секоја мозочна ќелија се одвиваат бројни хемиски реакции, а тоа е потполно различно од принципот на работа на компјутерот. Освен тоа, никој не го програмира мозокот, тој сам ги предвидува и однапред ги решава проблемите, за разлика од компјутерот, кого некој мора да го програмира.

Кога глупа песна ќе почне постојано да ви се врти по главата, тоа е поради способноста на вашиот мозок да памети секвенци. Истата способност овозможува паметење на движењата за потпис на сопственото име, варење на кафе или одредување на трасата до дома. Како да го исфрлите од глава иритирачкиот звук? Пронајдете друга песна.

Friday, October 17, 2014

Интелигентни машини

Интелигентни машини

Сведоци сме дека на големите технолошки собири (саеми, конференции) се даваат најразлични предвидувања во кој правец би се развивала ИТ технологијата. Најголеми промотори на ваквите предвидувања се секако Bill Gates (Microsoft Corp.) и Steve Jobs (Apple Corp.). И покрај различните погледи - тие се согласуваат во едно – во најскоро време ќе исчезнат тастатурата и глушецот како влезни интерфејси за комуникација, а ќе се воведат многу поприродни човек-машина интерфејси.
Луѓето отсекогаш ги користат своите сетила - говорот, видот и допирот како примарни средства за комуникација во секојдневниот живот. Повеќе-сетилната комуникација со машините би ја зголемила ефикасноста на денешните апликации, и би креирала многу нови апликации. Типичен пример каде што се применува повеќе-сетилна комуникација се борбените авиони, каде што пилотите (во положба на окупираност на двете раце), комуницираат со опремата во кабината преку говорни команди и команди зададени со погледот. Исто така, вакви интерфејси се вградуваат во најновите верзии на комерцијалните автомобили (“мерцедес”, “тојота”), при што говорната комуникација со уредите го прави возењето побезбедно и поудобно. Конечно, ваквиот начин на комуникација ќе им овозможи на хендикепираните лица непречено да ги користат не само компјутерите, туку и останатите уреди во домаќинството. Значи идејата е целосно да се исфрлат тастатурата и глушецот како влезни уреди - процес што ќе се реализира во следните пет години.
Говорот и јазикот се најприродното средство за комуникација на човекот. За да се комуницира со информатичките системи на природен начин, потребно е тие да го разбираат говорниот јазик. На препознавање на говорот работат водечките информатички компании - ИБМ и Микрософт, а основни техники кои се користат се Марковите модели и Баесовите мрежи. Сепак сите постоечки системи се базирани на ограничен речник од зборови кои можат да се препознаат (солидните системи имаат речник од 100.000 зборови). Најчесто се прави компромис, бидејќи кога е голема базата на зборови - препознавањето не е целосно доверливо, а кога е мала базата - препознавањето не е ефикасно. По препознавањето на зборот - истиот се проследува кон системот за разбирање кој се состои од парсер и од предефинирана граматика.
Главен двигател на технолошките новитети на светско рамниште секогаш е армијата на САД, преку ДАРПА (Агенција за истражувачки проекти при американското Министерство за одбрана, меѓу другото, креатор на Интернет). Ќе наведам само два од тековните проекти кои ДАРПА ќе ги финансира во следните 5 години, и во кои ќе се вложат неколку милијарди долари.
Првиот е т.н. когнитивни агенти, т.е. проект кој е воден од идејата да се постигне “свесност” на машините. Имено, се бараат иновации во хардверот и во софтверот кои ќе процесираат знаење, ќе располагаат со перцепција, ќе имаат сопствено поведение, со еден збор - кои ќе знаат што да прават. Полупроводничката технологија го дуплира бројот на транзистори во чипот на секои 18 месеци (феномен познат како Муров закон). Со овој степен на развој, набрзо ќе се достигне физичката граница на “пакување” на транзисторите, но ќе се постигне бројот на пресметувачки елементи на една плоча, да се израмни со бројот на неврони во човечкиот мозок. И покрај тоа, се уште не е пронајден начин како таа процесорска моќ би се натерала “да функционира” како мозокот. Иако победата на Deep Blue во шаховскиот меч со Каспаров може да се смета како пораст на вештачката интелигенција, сепак се работи за “сурова” процесорска моќ и брзина на обработка на потезите, а не за интелигентна програма. Со проектот “Когнитивни агенти”се финансира критичното истражување кое би довело процесирачките елементи да продуцираат поведение, што ние би го нарекле “когнитивно”. Се бараат начини за имплементација на апстракција од повисоко ниво, ментална симулација и планирање, хипотетичко резонирање, моќно препознавање и генерирање на говорот, и самосвесност. Со други зборови, когнитивните системи би биле во состојба:
- да резонираат на повеќе начини, и да го прикажуваат знаењето на соодветен начин;
- да учат од сопственото искуство, а нивните перформанси да се подобруваат со тек на учењето;
- да можат да се опишат самите себе, т.е. да се свесни за своето поведение и за своите можности;
- да можат да одговорат на изненадувањата на робусен начин.

При посетата на Лабораторијата за вештачка интелигенција на МИТ (2003г.) имав можност да се “запознаам” со нивните два когнитивни робота - Ког и Леонардо. Ког е алуминиумски хуманоиден робот (торзо, раце, врат, глава со очи, уши и уста), и неговата интелигенција ја достигнува онаа на 3-годишно дете. При експериментот, на Ког му се покажува топка и со рака се движи топката лево-десно пред очите на Ког. Ког ја следи топката со поглед и кога ќе му се каже “ова е топка”, тој повторува “топка”. Потоа му се покажува кукла и тој учи што е кукла. Понатаму, на прашањата “што е ова?” знае да ги препознае научените предмети.
За разлика од Ког, Леонардо е уште похуманоиден. Тој е обвиен со крзно, неговото лице може да прави 32 гестикулации, а реагира и на допир.
Друг проект финансиран од ДАРПА е “Дневник на животот” (LifeLog), проект чија задача е да го снима животот на луѓето, заедно со сите настани и движења, т.е. сето она што еден човек го гледа, го слуша, го допира итн. Овој проект беше доста оспоруван во јавноста, бидејќи со него целосно се навлегува во приватноста на луѓето. Имено, во почеток доброволци ќе бидат опремени со камера, микрофони, ГПС, допирни и други сензори, и на тој начин ќе се снима целиот нивен живот. “Дневникот на животот”, исто така, ќе снима и голема количина на контекстни податоци на кои ќе биде изложен корисникот секој ден, како на пример телевизиската програма што ја гледа, телефонските разговори што ги води, весниците и книгите што ги чита, електронската пошта и Интернет-страниците што ги отвора. Оваа огромна количина на информации ќе се пренесува безжично до централен сервер, каде што ќе се складира и ќе се анализира на хард дискови со енормен капацитет. Намената на “Дневникот на животот” не е шпионска, туку да понуди лична, финансиска, медицинска и друга поддршка на корисниците. На пример, записот “во 8.30 ќе полетам од Вашингтон во Бостон”, ќе ги сними настаните - будење, повикување такси, возење до аеродром итн. Следниот пат кога корисникот ќе запише во својот организер “одење во Бостон” - системот сам ќе му повика такси до аеродром. Со ЛифеЛог корисникот ќе може да провери што работел и неколку години после снимените настани. Со пристап до личните податоци на повеќе корисници истовремено - ќе може да се детектира дали во градот има епидемија на грип или друга болест. Исто така, овие податоци би се користеле за идните хуманоидни роботи да научат да се однесуваат “човечки”.
ДАРПА беше организатор и спонзор и на првата трка на мобилни роботи што се одржа во 2004 год. на релација Лас Вегас - Лос Анџелес. Таа година ниедно возило не стигна до целта, но следната (2005) победи тимот (возилото) на Универзитетот Carnegie Melon и ја освои наградата од 1 милион долари.

За секој од проектите на ДАРПА можат да конкурираат сите американски универзитети, но спонзорирани ќе бидат само неколку, чии професори се светски прочуени во дадената област.
И најпосле - тренд кој ќе преовладее во наредните декади несомнено е биоинформатиката. Како што спомнав погоре, силициумската технологија за изработка на чипови, за неколку години ќе ја достигне својата граница на минијатуризација, а со тоа и на брзина. Следни чекори кои би се презеле е вградување на биолошки и оптички компоненти во чиповите. Денес, херметич-ки чистите лаборатории за полупроводници на МИТ се заменуваат со “влажни” биохемиски лаборатории и епрувети. Тие веќе експериментираат со биолошки чипови, но и со вградување на силициумски импланти во мозокот на луѓето. Во блиска иднина, секој од нас ќе може да научи шпански јазик за 2 часа, преку директен интерфејс компјутер-мозок.

Многу научници се согласни дека компјутерите ќе ја достигнат човечката интелигенција до 2030 година. Односно, тогаш компјутерите ќе тврдат дека се свесни и луѓето тоа ќе го прифатат. А до 2090 година - нема да може да се разликуваат луѓето од роботите. Тогаш роботите ќе имаат вградени многу биолошки компоненти, а луѓето масовно ќе користат импланти во мозокот. Оние луѓе кои нема да си вградат импланти - ќе бидат ментално инфериорни во однос на другите, т.е. не ќе можат да комуницираат на исто ниво. Ви изгледа како научна фантастика? Не бидете песимисти како Чарлс Дјуел, директорот на Американскиот завод за патенти, кој во 1898 год. изјавил: “Се што може да се измисли - веќе е измислено”. 

Monday, September 8, 2014

За Животот

За животот

Во раните фази на еволуцијата, информациите за животот биле сместени во структури од сложени органски молекули базирани на јаглерод. После милијарди години на биолошка еволуција, живите организми имаат сопствен компјутер за чување и манипулација со дигитални податоци, базирани на ДНК молекулот. Хемиската структура на ДНК молекулот за прв пат е опишана од Џ. Вотсон и Ф. Крик во 1953г. како пар од струни (две долги, меѓусебе испреплетени влакна) во кои информацијата на секоја позиција зависи од изборот на нуклеотиди. ДНК претставува долг полимер кој е составен од повторувачки единици наречени нуклеотиди. ДНК ланецот е широк 2.2 до 2.6 нанометри, а секој нуклеотид е долг 3.3 Å (0.33 nm). Иако секоја повторувачка единица е многу малаДНК полимерите може да бидат многу големи молекули кои се состојат од милиони нуклеотидиНа примернајголемиот човечки хромозомхромозомот број 1, е приближно долг 220 милиони основни парови.
Кај живите организмиДНК обично не се среќава како еден молекултуку како пар од цврсто поврзани молекулиОвие две долги струни се испреплетени во облик на двојна спиралаНуклеотидот се состои од сегмент – р’бет на молекулотшто го држи ланецот компактнои базашто е во интеракција со друга ДНК-струна од спиралатаВо општ случајбазата поврзана со шеќер е наречена нуклеосајд, а базата што е поврзана со шеќер и со една или повеќе фосфатни групи е наречена нуклеотидАко повеќе нуклеотиди се споени заеднокако кај ДНКовој полимер е наречен поли-нуклеотид.

Описот на генетскиот код беше комплетиран на почетокот од овој век. Сега истражувачите се на пат да ги проучат хемиските процеси на комуникација, преку кои ДНК раководи со репродукцијата на другите сложени молекули и клеточни структури, како што се messenger РНК (mRNA), transfer РНК (tRNA) и рибозомите. Во процесот наречен транслација – одредени хемикалии се задолжени за градба на протеините во клетките. Токму протеинските ланци се оние што и даваат на секоја клетка – структура, поведение и интелигенција. За нивното создавање е важна спрегата ДНК-мРНК-тРНК-рибозом. Специјални ензими ја читаат структурата на ДНК и од неа формираат тенка мРНК (мРНК има копија на дел од ДНК секвенцата). Потоа мРНК патува од јадрото на клетката кон телото на клетката и пристигнува кај рибозомот. Рибозомите имаат улога на “глава за читање – од лента“, при што ја читаат секвенцата на податоци што е кодирана во мРНК. Од прочитаните “букви“, наречени кодони, рибозомите асемблираат протеински ланец, при што ја користат и тРНК.

Задачата на креираните протеини е да ги обавуваат сите функции на клетката, а со тоа и на целиот организам. Така на пр. молекулот на хемоглобин кој има улога да пренесува кислород од белите дробови до сите клетки на организмот – се креира 500 трилиони пати во секунда (кај човекот). Знаејќи дека секој молекул на хемоглобин во себе има 500 амино киселини – ова значи дека 1.5х10^19 (15 билиони билиони) “read” операции во минута што ја прават рибозомите за создавање на хемоглобинот.


На некој начин – биолошкиот механизам на животот е премногу сложен и неразбирлив. Од друга страна – тој е премногу едноставен. Само 4 базни парови се задолжени за дигитална претстава на целата жива материја кај човекот и кај останатиот жив свет. Рибозомите ги градат протеинските ланци преку групирање на тројки од базни парови, при што селектираат секвенци од само 20 амино киселини. Амино киселините се релативно прости и се состојат од еден јаглероден атом, поврзан со еден водороден атом, со една амино група (NH2), една карбоксилна група (СООН) и една органска група, што е различна за секоја амино киселина (на пр. 4 атоми СН3). Околу 20 молекурарни фрагменти се градители на целиот живот.

Протеинските ланци потоа го контролираат целиот животен процес: структурата на коските, мускулните клетки, сложените биохемиски реакции на крвта, и секако – структурата и функционирањето на мозокот. 

Friday, January 31, 2014

Јас и Грците

Јас и Грците

Повремено, еднаш месечно – печатените и електронските медиуми го истакнуваат проблемот со Грција, но не само во политички контекст, туку и во меѓу-човечки контекст (како сме малтертирани на граница исл.). Во продолжение ќе ви го изложам моето искуство со нашите јужни соседи.

Во Грција сум бил многу пати, од кои 3 пати службено (во Атина) и повеќе пати приватно (на одмор – претежно Халкидики). Ниеднаш не сум имал непријатност на национална основа, иако сум се претставувал како Македонец. Минатото лето (2013) иако имаше голем број оштетени возила од Македонија (најмногу во Ханиоти), мојата кола 8 дена беше паркирана во центарот на Ханиоти и немав ни гребнатинка. Можда тоа е случајност или среќа, но она што го доживеав во 2001 година мислам дека не беше случајност...

Токму во периодот кога се водеа жестоки битки на Скопска Црна Гора (јуни 2001) - јас и уште двајца колеги од Министерството за одбрана бевме испратени службено на СЕСИМ конференција во Атина (нашето патување беше финансирано од Американците и конференцијата беше прилично важна  за сите Армии од Југо-источна Европа). Да не беше кофликтот кај нас – сигурно некој друг ќе беше шеф на нашата делегација, а не јас. Таму бевме срдечно пречекани, од аеродром до хотелот бевме организирано префрлени со лимузина и за време на целата Конференција немавме никакви проблеми. Иако натписот пред нас гласеше ФИРОМ, јас во дискусијата повеќе пати кажав Македонија и никој не реагираше.

Конфликот во Македонија воопшто не беше на дневен ред (тема на Конференцијата беше симулациска мрежа што требаше да се воспостави во сите држави и тоа навистина се оствари во 2003). Сепак на маргините и по кулоарите на хотелот многу се дискутираше за конфликтот кај нас, а тоа не ме спречи да имам добри и срдечни контакти со колегите од Албанската делегација.
Во една таква прилика (пауза) јас стоев со главниот претставник на Американската делегација (една постара госпоѓа), а имаше присутни и од Албанците и од Словенците. Тогаш ми пријде главниот организатор и координатор на Конференцијата (грчки Генерал) и ми рече на англиски: “Зоран, целосно ве поддржувам за се што презема вашата Влада против вооружените Албанци. Дури треба и пожестоко да удрите“. Јас се зачудив, а мислам дека и Американката. Не очекував ваква екплицитна изјава, иако претпоставув дека секогаш кога Грција би бирала сојузник помеѓу нас и Албанија – би не избрала нас.

На истата таа Конференција, за време на една пауза – седевме во лобито на Холидеј Ин – Атина (каде и се одржуваше конференцијата). Еден од колегите од другите држави се претстави дека е пилот и дека повеќе години е на мисија во Босна. Целата дискусија беше на англиски, но кога тој виде дека на масата сме сме само Хрвати и Македонци – почна да зборува српско-хрватски (што го научил во Босна). Патем, се претстави дека е Грк. “Аа, значи ти си Грк?“, му реков јас на македонски. Тој секако ме разбра и се насмеа. Иако јас тогаш бев обичен инженер (раководител на одделение во МО), а тој беше пилот на Мираж, сфати дека јас го потценувам, и дека воопшто – сите ние што потекнувавме од бивша Југославија се сметавме за подобри и попаметни од Грците. Дали сме биле во право не знам, но јас секако наоѓав подобар заеднички јазик со Србите и со Хрватите.


За да не испадне дека се било розово – имав и мала непријатност на аеродромот во Атина на враќањето за Скопје (во истата 2001 година; тогаш имаше директен лет Скопје-Атина, со Олимпик). Имено, секогаш на влез во Грција пополнуваме лист (со Име, презиме исл.) на кој удираат печат и тој документ служи како влезна виза (бидејќи не ни ги признаваат пасошите). Кога слетавме во Атина уредно си пополнивме таков лист, но за заминување – јас сум го спакувал листот во торбата и истата ја чекирав како багаж, а јас само со пасош в рака продолжив кон гејтовите. Нормално пред гејтовите има полициски шалтер – на кој треба да ти удрат печат за излез и јас културно им го давам пасошот. Тие се возбудија како да фатиле жежок костен в раце и ми велат – дечко кај ти е “папирот“? Јас се сетив дека “паприот“ отиде да лета без мене и им ја објаснив ситуацијата. Но тие беа неумоливи и ми рекоа дека ако не им го обезбедам листот - ќе го испуштам летот. Ме фати мала паника и веднаш се вратив на шалтерите за чекирање и им кажав да го прогласат мојот куфер за изгубен багаж – за да не се товари на авион. По 5 минути ме спуштија во депото за изгубени багажи, го најдов куферот и трк на гејтовите. Бордингот беше почнат, полицајците од шалтерот беа среќни што имаа каде да ми удрат печат, а јас бев уморен од трчање. Среќно полетав за Скопје, каде што бевме пречекани во воена атмосфера и со хеликоптери кои го надлетуваа Арачиново...

Музеите-мали тајни на големите земји

Музеите-мали тајни на големите земји

Оваа колумна ја испратив во „Дневник“ во јули 2003 (по моето враќање од САД) и беше веднаш објавена. Сега се појавува во online архивата на Дневник како ре-објавена во март 2006 (значи објавена е по втор пат). Во периодот кога беше прв пат објавена (2003) премиерот Груевски беше опозиција, но се надевам дека ја прочитал и добил некаква инспирација. Проектот Скопје 2014 беше најавен во 2009 година, а денес е речиси готов...

Го пишувам ова писмо по враќањето од Њу Џерси, САД, каде имав прилика да научам нешто и за американското уредување. Во глобала, животниот стил не е многу различен од европскиот. Разликата е во ситниците. Воден од желбата Македонија да ја видиме во ЕУ, помислувам на работите кои го оддалечуваат Скопје од другите светски метрополи. Пред се, работите што се воочливи на прв поглед: комуналната нехигиена и метежот во сообраќајот. Катните гаражи и жолтите такси возила веќе неколку години се присутни во Софија и Букорешт. Не е чудо што соседите ни побегнаа во трката за Европа, иако долго време се сметавме за понапредни од нив. Во оваа прилика сакам да зборувам за еден сериозен проект.

До својата 31 година имав среќа да ги посетам Лувр (Париз), Метрополитен (Њујорк) и Ермитаж (Ст. Петерсбург), Музејот на цивилизации (Отава), Музејот на американска историја и Музејот на авијација (Вашингтон). Нема да истакнувам за какво богатство и раскош станува збор. Тие претставуваат гордост не само за земјите што ги поседуваат, туку и за целата човечка цивилизација - доказ за растежот и падовите. Иако нашата земја има богата историја, нема ни една институција каде што ќе ја презентира. За да не споредувам со богатите земји, ќе кажам дека сум ги посетил Музеите на Национална историја на Албанија, Бугарија, Романија и Хрватска. И тие се доволно големи и впечатливи и претставуваат неизбежна дестинација на сите странски делегации. 


А што презентираме ние? Секако Охрид, кој е светска ризница, уште поубав со обновените Плаошник и Самоилова тврдина. Етнолошкиот музеј иако е вкусно аранжиран, сепак е премалку за една земја што носи славно име. 

 Автобуската станица треба итно да се дислоцира, а на нејзината локација да се почне проект за изградба на Музеј на Национална историја. Некој ќе праша: Што имаме да изложиме во тој музеј, кога целото наше богатство е разграбано, најголем дел во Белград? И во големите музеи најголем број експонати се реплики на оригиналот, а ние имаме скулптори, уметници и занаетчии. Во Музејот на Американска историја има посебна просторија посветена на 11 септември, во која се изложени униформи на загинатите пожарникари и предмети што им биле најдени по џеповите. Во загребскиот музеј поставена е собата на Туѓман во моментот кога дворецот бил гаѓан со српска граната. 

А што ќе изложиме ние? Скулптури и предмети од античкиот и византискиот период. Просторија на византиските императори на чело со Јустинијан. Оружје и оклопи од времето на Самоил. Просторија на Климент и Наум Охридски - икони, фрески и книги со нивни ракописи. Просторија на прилепските кралеви Волкашин и Марко. Мини-амам на некој од скопските паши, типична охридска, крушевска, битолска, турска и албанска соба од 19.век. Просторија со резби од дебарските зографи. Просторија на браќата Миладиновци, Прличев, Мисирков. Простории посветени на Илинденското востание, солунските атентатори, балканските војни, Првата светска војна, НОВ. Просторија посветена на браќата Манаки, просторија на АСНОМ. Просторија на Мајка Тереза и на скопскиот земјотрес. Просторија на Тито и комунистичката младина. Да - и тоа е наша историја што посетителите би сакале да ја видат. Просторија за фолклорот - народните носии и музичките инструменти (покрај секој инструмент да има слушалки за посетителот да може да чуе како звучи инструментот).

Ова нека биде апел до премиерот, градоначалникот и сите одговорни министерства поефикасно да го собираат данокот и да го трошат на паметни проекти со кои ќе бидат запатмени и со кои ќе се гордеат и идните генерации.

П.С. Едно саботно попладне шетав низ гратчето Хајланд парк (30 км од Њујорк) и влегов во една книжара. Меѓу рафтовите наидов на енциклопедија на најдобри светски фолк песни. Веќе погодувате? Ги имаше "Билјана" и "Зајди, зајди". Во истата книжара имаше и книга за ренесансната уметност, а таму беше фреската "Оплакување" од Св. Пантелејмон во Нерези.

Затоа, се надевам дека музејот ќе го дочекаме во нашиот "лајфтајм".

Д-р Зоран Гацовски,  Доцент на Воена Академија