Friday, January 31, 2014

Јас и Грците

Јас и Грците

Повремено, еднаш месечно – печатените и електронските медиуми го истакнуваат проблемот со Грција, но не само во политички контекст, туку и во меѓу-човечки контекст (како сме малтертирани на граница исл.). Во продолжение ќе ви го изложам моето искуство со нашите јужни соседи.

Во Грција сум бил многу пати, од кои 3 пати службено (во Атина) и повеќе пати приватно (на одмор – претежно Халкидики). Ниеднаш не сум имал непријатност на национална основа, иако сум се претставувал како Македонец. Минатото лето (2013) иако имаше голем број оштетени возила од Македонија (најмногу во Ханиоти), мојата кола 8 дена беше паркирана во центарот на Ханиоти и немав ни гребнатинка. Можда тоа е случајност или среќа, но она што го доживеав во 2001 година мислам дека не беше случајност...

Токму во периодот кога се водеа жестоки битки на Скопска Црна Гора (јуни 2001) - јас и уште двајца колеги од Министерството за одбрана бевме испратени службено на СЕСИМ конференција во Атина (нашето патување беше финансирано од Американците и конференцијата беше прилично важна  за сите Армии од Југо-источна Европа). Да не беше кофликтот кај нас – сигурно некој друг ќе беше шеф на нашата делегација, а не јас. Таму бевме срдечно пречекани, од аеродром до хотелот бевме организирано префрлени со лимузина и за време на целата Конференција немавме никакви проблеми. Иако натписот пред нас гласеше ФИРОМ, јас во дискусијата повеќе пати кажав Македонија и никој не реагираше.

Конфликот во Македонија воопшто не беше на дневен ред (тема на Конференцијата беше симулациска мрежа што требаше да се воспостави во сите држави и тоа навистина се оствари во 2003). Сепак на маргините и по кулоарите на хотелот многу се дискутираше за конфликтот кај нас, а тоа не ме спречи да имам добри и срдечни контакти со колегите од Албанската делегација.
Во една таква прилика (пауза) јас стоев со главниот претставник на Американската делегација (една постара госпоѓа), а имаше присутни и од Албанците и од Словенците. Тогаш ми пријде главниот организатор и координатор на Конференцијата (грчки Генерал) и ми рече на англиски: “Зоран, целосно ве поддржувам за се што презема вашата Влада против вооружените Албанци. Дури треба и пожестоко да удрите“. Јас се зачудив, а мислам дека и Американката. Не очекував ваква екплицитна изјава, иако претпоставув дека секогаш кога Грција би бирала сојузник помеѓу нас и Албанија – би не избрала нас.

На истата таа Конференција, за време на една пауза – седевме во лобито на Холидеј Ин – Атина (каде и се одржуваше конференцијата). Еден од колегите од другите држави се претстави дека е пилот и дека повеќе години е на мисија во Босна. Целата дискусија беше на англиски, но кога тој виде дека на масата сме сме само Хрвати и Македонци – почна да зборува српско-хрватски (што го научил во Босна). Патем, се претстави дека е Грк. “Аа, значи ти си Грк?“, му реков јас на македонски. Тој секако ме разбра и се насмеа. Иако јас тогаш бев обичен инженер (раководител на одделение во МО), а тој беше пилот на Мираж, сфати дека јас го потценувам, и дека воопшто – сите ние што потекнувавме од бивша Југославија се сметавме за подобри и попаметни од Грците. Дали сме биле во право не знам, но јас секако наоѓав подобар заеднички јазик со Србите и со Хрватите.


За да не испадне дека се било розово – имав и мала непријатност на аеродромот во Атина на враќањето за Скопје (во истата 2001 година; тогаш имаше директен лет Скопје-Атина, со Олимпик). Имено, секогаш на влез во Грција пополнуваме лист (со Име, презиме исл.) на кој удираат печат и тој документ служи како влезна виза (бидејќи не ни ги признаваат пасошите). Кога слетавме во Атина уредно си пополнивме таков лист, но за заминување – јас сум го спакувал листот во торбата и истата ја чекирав како багаж, а јас само со пасош в рака продолжив кон гејтовите. Нормално пред гејтовите има полициски шалтер – на кој треба да ти удрат печат за излез и јас културно им го давам пасошот. Тие се возбудија како да фатиле жежок костен в раце и ми велат – дечко кај ти е “папирот“? Јас се сетив дека “паприот“ отиде да лета без мене и им ја објаснив ситуацијата. Но тие беа неумоливи и ми рекоа дека ако не им го обезбедам листот - ќе го испуштам летот. Ме фати мала паника и веднаш се вратив на шалтерите за чекирање и им кажав да го прогласат мојот куфер за изгубен багаж – за да не се товари на авион. По 5 минути ме спуштија во депото за изгубени багажи, го најдов куферот и трк на гејтовите. Бордингот беше почнат, полицајците од шалтерот беа среќни што имаа каде да ми удрат печат, а јас бев уморен од трчање. Среќно полетав за Скопје, каде што бевме пречекани во воена атмосфера и со хеликоптери кои го надлетуваа Арачиново...

Музеите-мали тајни на големите земји

Музеите-мали тајни на големите земји

Оваа колумна ја испратив во „Дневник“ во јули 2003 (по моето враќање од САД) и беше веднаш објавена. Сега се појавува во online архивата на Дневник како ре-објавена во март 2006 (значи објавена е по втор пат). Во периодот кога беше прв пат објавена (2003) премиерот Груевски беше опозиција, но се надевам дека ја прочитал и добил некаква инспирација. Проектот Скопје 2014 беше најавен во 2009 година, а денес е речиси готов...

Го пишувам ова писмо по враќањето од Њу Џерси, САД, каде имав прилика да научам нешто и за американското уредување. Во глобала, животниот стил не е многу различен од европскиот. Разликата е во ситниците. Воден од желбата Македонија да ја видиме во ЕУ, помислувам на работите кои го оддалечуваат Скопје од другите светски метрополи. Пред се, работите што се воочливи на прв поглед: комуналната нехигиена и метежот во сообраќајот. Катните гаражи и жолтите такси возила веќе неколку години се присутни во Софија и Букорешт. Не е чудо што соседите ни побегнаа во трката за Европа, иако долго време се сметавме за понапредни од нив. Во оваа прилика сакам да зборувам за еден сериозен проект.

До својата 31 година имав среќа да ги посетам Лувр (Париз), Метрополитен (Њујорк) и Ермитаж (Ст. Петерсбург), Музејот на цивилизации (Отава), Музејот на американска историја и Музејот на авијација (Вашингтон). Нема да истакнувам за какво богатство и раскош станува збор. Тие претставуваат гордост не само за земјите што ги поседуваат, туку и за целата човечка цивилизација - доказ за растежот и падовите. Иако нашата земја има богата историја, нема ни една институција каде што ќе ја презентира. За да не споредувам со богатите земји, ќе кажам дека сум ги посетил Музеите на Национална историја на Албанија, Бугарија, Романија и Хрватска. И тие се доволно големи и впечатливи и претставуваат неизбежна дестинација на сите странски делегации. 


А што презентираме ние? Секако Охрид, кој е светска ризница, уште поубав со обновените Плаошник и Самоилова тврдина. Етнолошкиот музеј иако е вкусно аранжиран, сепак е премалку за една земја што носи славно име. 

 Автобуската станица треба итно да се дислоцира, а на нејзината локација да се почне проект за изградба на Музеј на Национална историја. Некој ќе праша: Што имаме да изложиме во тој музеј, кога целото наше богатство е разграбано, најголем дел во Белград? И во големите музеи најголем број експонати се реплики на оригиналот, а ние имаме скулптори, уметници и занаетчии. Во Музејот на Американска историја има посебна просторија посветена на 11 септември, во која се изложени униформи на загинатите пожарникари и предмети што им биле најдени по џеповите. Во загребскиот музеј поставена е собата на Туѓман во моментот кога дворецот бил гаѓан со српска граната. 

А што ќе изложиме ние? Скулптури и предмети од античкиот и византискиот период. Просторија на византиските императори на чело со Јустинијан. Оружје и оклопи од времето на Самоил. Просторија на Климент и Наум Охридски - икони, фрески и книги со нивни ракописи. Просторија на прилепските кралеви Волкашин и Марко. Мини-амам на некој од скопските паши, типична охридска, крушевска, битолска, турска и албанска соба од 19.век. Просторија со резби од дебарските зографи. Просторија на браќата Миладиновци, Прличев, Мисирков. Простории посветени на Илинденското востание, солунските атентатори, балканските војни, Првата светска војна, НОВ. Просторија посветена на браќата Манаки, просторија на АСНОМ. Просторија на Мајка Тереза и на скопскиот земјотрес. Просторија на Тито и комунистичката младина. Да - и тоа е наша историја што посетителите би сакале да ја видат. Просторија за фолклорот - народните носии и музичките инструменти (покрај секој инструмент да има слушалки за посетителот да може да чуе како звучи инструментот).

Ова нека биде апел до премиерот, градоначалникот и сите одговорни министерства поефикасно да го собираат данокот и да го трошат на паметни проекти со кои ќе бидат запатмени и со кои ќе се гордеат и идните генерации.

П.С. Едно саботно попладне шетав низ гратчето Хајланд парк (30 км од Њујорк) и влегов во една книжара. Меѓу рафтовите наидов на енциклопедија на најдобри светски фолк песни. Веќе погодувате? Ги имаше "Билјана" и "Зајди, зајди". Во истата книжара имаше и книга за ренесансната уметност, а таму беше фреската "Оплакување" од Св. Пантелејмон во Нерези.

Затоа, се надевам дека музејот ќе го дочекаме во нашиот "лајфтајм".

Д-р Зоран Гацовски,  Доцент на Воена Академија