Thursday, March 5, 2015

За Цивилизациите

За Цивилизациите

Зошто и како Европејците ги уништиле другите цивилизации, пред се Американските Индијанци (Инките, Маите, Ацтеките и оние од Северна Америка), како и австралиските Абориџини? Исто така ги колонизирале најголемиот дел од Африканските држави и ги држеле под своја доминација (и експлоатација) до средината на 20-от век. Одговорот на ова прашање лежи во развојот на цивилизациите. Тука нема да ја анализирам Азија, бидејќи арапскиот свет, Индија и Кина се развивале паралелно со Европа и имале пристап до сите цивилизациски придобивки (огнено оружје, државно уредување и употреба на писмото). Исто така скоро сите растителни и животински видови што се одгледувале во Европа биле застапени и во Азија. Но тоа не важи за Африка, Америка и Австралија каде што домородците немале скротено ниедно животно, а главен извор за храна бил ловот. Дури немале техника ни за риболов. Од оружје користеле копје и камени секири, немале развиено писмо, а немале ни општествено уредување, туку само племенско. 

Типичните колонизаторски активности почнуваат во 15 век. Тогаш Европа имала развиено морепловство за прекуокеански патувања, имала развиено огнено оружје, развиени државни уредувања, но и глад за нови ресурси, пред се злато. Само 5% од домородците загинале на бојното поле, штитејќи ја својата земја, а 95% од индијанските племиња биле уништени од вирусите пренесени од Европејците (мала сипаница, туберколоза, грип, тифус). Имено – овие вируси биле нова појава за нив и немале изграден никаков имун систем, за разлика од Европејците, кој со години создале природен имунитет и ги прележувале овие болести без проблем.

Сега и за светлата страна на колонизаторството. Интересен е и примерот со едно мало канадско племе на Индијанци. Тие имале средба со европските имигранти во 15 век, биле восхитени од дојденците, се спријателиле и си разменувале стоки. По неколку дена дојденците си заминале – и се случило чудо. На таа локација не се вратил ниеден цивилизиран човек се до почеток на 20-от век. Тогаш некоја друга експедиција ги посетила тие зафрлени краишта од Северот на Канада и наишле на срдечен пречек кај изолираното племе. Демек – “кај сте вие до сега – ние ве чекавме со години“. Поентата е дека средбата со Европејците била пренесувана од колено на колено (усно), како средба со некои вонземјани. Биле најдени и цртежи на кои била прикажана средбата со првите гости од Европа. Од тука може да се извлече пример како би требало да се однесуваме доколку имаме случајна средба со вистински вонземјани (понапредни од нас).

Првите Европејци што стапнале на американскиот континент биле заслепени од наоѓалиштата на злато. Индијанците пак веќе имале залихи од тој метал што воопшто не го сметале за вреден. Затоа се случувало да го трампаат златото за безвредни предмети од стакло, ножеви и парчиња облека. Дури, навечер кога ќе застудело - го менувале златото за ќебиња. Наутро кога ќе изгреело сонцето – ќебињата веќе не им требале, па ги фрлале. Итрите Европејци ги собирале ќебињата и следната вечер повторно им ги продавле за злато. Паметно, нема што.


Инаку Северно-американските Индијанците имале многу развиен позитивен менталитет и култура. Воопшто не биле насилни и скоро никогаш не лажеле. Не знаеле да користат коњи (ги немале скротено) се до доаѓањето на Европјаните, а исто така немале никакво метално оружје. Од Европејците ја примиле и навиката да пијат алкохол (огнена вода), а им ја пренеле навиката за пушење (пури и лулиња). Не постои пример за брачно неверство кај Индијанците – се случувало да остане сама жена со други соплеменици, а мажот да е во лов – и никој немал намера да и “се пушта“.

На крај да додадам нешто што е надвор од контекстот на Индијанците – а тоа е вештачката селекција во природата, што човекот може да ја прави сакајќи или не. Постои одредена локација во Јапонско Море – на која ако ловите ракчињата ќе забележите дека сите на грбот имаат изгравиран човечки лик (фаца). Позади овој факт стои цела легенда – односно научно објаснување. Имено – пред 500 години на таа локација се водела поморска битка помеѓу две Самурајски племиња. Поголемиот дел од поразеното племе загинале и биле потонати во морето. По неколку години – нивните со-племеници кога ловеле ракчиња во тој дел од крајбрежето – забележале дека некои ракчиња на грбот се набрчкани и помислиле дека тоа се ликовите на нивните загинати браќа. Затоа таквите ракчиња ги вратиле назад во морето, а ги ловеле само мазните ракчиња. Со тек на време мазните скоро да исчезнале, па почнале да ловат и помалку набрчкани, а оние кои потсетувале на човечки лик – ги враќале в море. И така со вештачка селекција во долг временски период – успеале да опстанат и да се размножуваат само оние ракчиња кои имале јасни контури на човечко лице – со нос, уста, очи.  

Wednesday, February 4, 2015

Вселенски Календар

Вселенски Календар

Во споредба со животот на една ѕвезда (која живее неколку милијарди години) – човечкиот живот е само еден мал блесок, една милисекунда. Во однос пак на лотосовиот цвет (кој се раѓа наутро, а умира навечер) – човечкиот живот е премногу долг и здодевен. Уште еден доказ дека времето е релативна категорија.

Во продолжение ќе го прикажам вселенскиот календар според кој се случиле главните настани во Универзумот (според Карл Саган). При тоа – целото време од настанокот на Универзумот до денес – е пресликано во една година, за да се добие подобар увид колку е стара човечката цивилизација, и што не чека во иднина.


1 јануари – Биг Бенг – настанок на Универзумот (отприлика пред 15 милијарди години)
1 мај – настанок на нашата галаксија – Млечен пат
9 септември – формирање на Сончевиот систем
14 септември – издвојување на Земјата како планета
25 септември – први микроби на Земјата
2 октомври – формирање на најстарите планини што постојат и денес
1 ноември – први микро-организми со полово размножување (измислен е сексот)

Настани во Декември:

1 декември – атмосферата на Земјата се полни со кислород
16 декември – се појавуваат првите црви
17 декември – почнува палеозоик, завршува пред-камбријан
19 декември – се појавуваат првите риби
20 декември – растенија почнуваат да растат на Земјата
21 декември – први инсекти; животни почнуваат да се движат по Земјата
22 декември – инсекти со крилја и први водоземци
23 декември - први дрвја и први рептили
24 декември – први диносауруси
25 декември – почнува мезозоик
26 декември – први цицачи
27 декември – период на Јура, први птици
28 декември – први цвеќиња, изумираат диносаурусите
29 декември – завршува мезозоик, почнува терциер – први примати (мајмуни)
30 декември – еволуција на големиот мозок кај приматите (пред 50 милиони години)

Настани на 31 декември:

13.30 ч. – први предци на човекот (кромањонец, крапинец)
22.30 ч. – настанок на човекот (homo sapiens)
23.00 ч. – користење на камени алатки
23.46 ч. – откриен е огнот, т.е. негово контролирање
23.59 ч. – први цртежи најдени во пештера
23.59:20 ч. -  откриено е земјоделството, и тркалото
23.59:35 ч. – формирани се први градови
23.59:50 ч. – први династии во Египет и Сумерија, зачетоци на астрономија
23.59:51 ч. – откривање на писмото (Месопотамија, Вавилон)
23.59:53 ч. – бронзена металургија, Тројанска војна, откривање на компасот
23.59:54 ч. – железно доба, кралство на Израел и подем на Феникијците
23.59:55 ч. – раѓање на Буда, Атина со Перикле, Александар Велики, во Кина династија Чин
23.59:56 ч. – раѓање на Римската Империја, Архимедова физика, Евклид, Питагора, раѓањето на Исус
23.59:57 ч. – Откриени се нулата и децималните броеви во Индија, пад на Римско царство, муслиманските освојувања (Мохамед).
23.59:58 ч. – Цивилизација на Маите, Византиска империја, Монголска империја, крстоносни војни, dark период во Европа.
23.59:59 ч. - Ренесанса во Европа, Отоманска империја, династија Минг во Кина, Елизабета I во Англија, зачетоци на експериментална наука (Њутн, Кеплер, итн.), откривање на Америка.
24.00 (денес) – широко распространети наука и технологија, ера на Интернет; први обиди да се истражува вселената во потрага по други цивилизации; откриено и употребено оружје за масовно уништување, што може да ја уништи цела планета.

Се гледа дека настанокот на луѓето, и посебно цивилизацијата се со релативно нов датум. Од тука произлегува неизвесноста и опасноста за опстанокот на човечката раса и воопшто на целиот жив свет. Можни црни сценарија би биле – удар од комета или астероид, приближување или оддалечување на Земјата од Сонцето, само-уништување со нуклеарно или биолошко оружје (вируси исл.), климатски промени предизвикани од загадувања итн. Иако во следните десетина илјади години можеме да се чувствуваме релативно безбедни – никој не е во состојба да даде долгорочни прогнози. 

Thursday, January 8, 2015

За напредокот на технологијата

За напредокот на технологијата

Еден од најпознатите светски футуролози Ray Kurzweil – во ’80-те години на минатиот век ја издава својата книга “Ера на интелигентни машини“, во која го предвидува технолошкиот развој на почетокот на 21-от век. Прогнозите дадени тогаш во најголем дел се исполнуваат (Интернет, видео-телефонија, мултимедија на дланка). Сега – во почеток на 21-от век ја издава книгата “Сингуларноста е близу“ во која шпекулира со технолошкиот развој во период 2010-2050 година, а неговите предвидувања одат многу подалеку. 

Некои од оптимистичките прогнози на Kurzweil се:
- До 2025 год. компјутерите ќе тврдат дека се поинтелигентни од луѓето, и луѓето тоа ќе го прифатат,
-    До 2050 год. ќе постои лек за сите болести, како и за можност за регенерирање на човечки клетки (и на неврони), т.е. ќе се постигне бесмртност на живите организми.
-   Во наредните 100-200 години – интелигенцијата ќе се рашири низ цел Универзум, т.е. интелигентните суштества ќе бидат со димензија на молекул.

Kurzweil ги базира своите идеи врз брзината на технолошкиот развој, т.е. ги анализира последните сто години. Имено – технолошкиот напредок во првите 50 години од 20-от век е дуплирање на сѐ она што е постигнато до тогаш. Потоа - во секои наредни 10 години се дуплира претходниот технолошки развој. Што е причината за вака брзиот развој и дали развојот ќе продолжи со истото (експоненцијално) темпо ?

Едно од клучните технолошки откритија на 20-от век е секако интегралното коло, т.е. чипот кој се вградува буквално насекаде (компјутери, телефони, автомобили, медицинска опрема, ракети итн.). Во поглед на полупроводничката технологија, најактуелно е секако предвидувањето на Гордон Мур (т.н. Муров закон), кое го дал во ’60-тите години, како вработен во Интел. Тој предвидел дека ќе се дуплира бројот на транзистори спакувани во чипот во секои наредни 2 години. Тоа значи чиповите ќе се минијатуризираат дупло, т.е. ќе се дуплира процесорската моќ на секои 2 години. Ова предвидување важи и до ден денес ! А тоа со себе повлекува развој на сите сродни технологии – компјутерска индустрија, компјутерски мрежи, телефонија, видео и мултимедија, ракетна техника, медицина, роботика итн. итн. Така, ако првите чипови биле развиени (нацртани) на хартија со молив – денес самите компјутери служат за развој на нови чипови.

Значи од седумдесетите години па наваму – експоненцијален е растот на процесорската моќ, а експоненцијален е падот на цената на чиповите. Исто така екпоненцијален е падот на цените кај уредите за складирање (хард дискови, олптичи уреди), на мрежните уреди, а експоненцијално е зголемен бројот на Интернет корисници и пропусниот опсег на широко-појасните мрежи. Исто така експоненцијално се зголемени вложувањата во образованието (во развиените земји), како и во медицинските истражувања.

Kurweil оди чекор напред и предвидува што кога ќе дојде до физичкиот лимит на чипот? Кога ќе се дојде до крајната минијатуризација на хардверот - тогаш ќе биде потребно воведување на нова парадигма – на пр. биолошки компоненти. Неговите идеи се базираат пред се на развојот на 3 клучни области – генетика, роботика и нано-технологија. Во почеток на 20-от век целосно е разоткриен генетскиот код на човекот. Сега останува лабораториски да се стопираат несаканите гени, а да се засилат (или вметнат) саканите гени, уште на ниво на фетус. Во поглед на роботиката – и таму нѐ очекува драстична минијатуризација; крајната цел е конструкција на нано-роботи – со величина на молекул, кој би можеле да се движат низ крвта и да се борат со клетките на ракот, и воопшто со сите бактериско-вирусни инфекции. Основната идеја се состои во внесување на наноцевчиња во структурата на заболените клетки, кои подоцна под влијание на ласерски сноп се загреваат и ја уништуваат клетката домаќин. Овие наноцевчиња се изработени од јаглеродни атоми и нивните димензии се скоро половина помали од дијаметарот на структурната ДНК молекула, така да во една клетка може да се сместат и неколку илјади наноцевчиња. По две минутно зрачење со ласерска светлина истите се загреваат на 70 степени. Во молекуларниот состав на наноцевчињата се поставени и група на молекули кои ја имаат функцијата на антитело, односно сигнализираат во кои клетки (оние на ракот) треба да делуваат.

Иако основите на нано-технологијата се поставени уште во 80-те години, нејзината практична реализација сеуште е во доменот на science fiction. Развојот на молекуларната нанотехнологоја се темели на концептот на контрола и позиционирање на атомите со цел за изградба на некој систем (машина на пример), кој ќе биде ефикасен, себе-обновувачки, водејќи притоа и сметка за неговата економичност. Крајната цел, според физичарот Feynman, е да може да се аранжира (да се направи) било што - атом по атом (на пр. да се направи човек од атоми на јаглерод, водород, кислород, да се прави храна неограничено, да се прави нафта неограничено, сите болести се излечиви, ги подмладуваме органите, вклучително и мозокот, итн.).

Исто така, актуелни се и истражувањата на мозокот, т.е. негово целосно скенирање и по можност реплицирање во наредните 20 години. Во современата неуро-наука постојат модели и симулации на мозокот добиени преку скенирање, интер-невронски конекциски мрежи, како и психо-физички тестирања.  Но денешните инструменти за скенирање на мозокот (MRI) се сеуште многу примитивни за да можат да ја доловат неговата структура. Тоа е како да се обидете да фатите зрно песок носејќи боксерски ракавици на рацете. Се очекува голем напредок во таа област во следната декада, а според Kurzweil - поедноставно е да се симулира регион по регион од мозокот (на пр. посебно центарот за вид, посебно за слух), отколку да се оди надолу на ниво на поединечни неврони.


Замислете ваква ситуација – ако вие учите француски или ја читате Војна и мир – не можете директно да го пренесете своето знаење врз другите луѓе. А ако компјутерот научи француски – другите компјутери ќе направат само “download” на тоа знаење и сите за 1 секунда ќе научат француски. 

Секако – постојат и скептици во поглед на овие предвидувања. Нивните аргументи се – во ред, хардверот напредува со одлично темпо – имаме се побрзи и поефтини компјутери, но дали софтверот го следи тоа темпо? За да се симулира интелигентно поведение – неопходен е супер брз процесор (или милиони процесори), но каков ќе биде софтверот на вештачкиот мозок? Што ако софтверски вирус навлезе во нано-роботчињата? Има безброј отворени прашања, а времето ќе покаже дали ќе бидеме сведоци на нова технолошка револуција.